Српската православна црква преку соопштение објавено на нејзиниот веб-сајт се огласи по повод иницијативата на Руската православна црква искажана при неодамнешната посета на митрополитот Иларион на Скопје за надминување на несогласувањата меѓу Македонската и Српската црква, како и за ослободување на Јован Вранишковски.
Посетата на г. Иларион, како што се наведува во соопштението, на БЈР Македонија, била договорена при средбата на поглаварите на СПЦ и на РПЦ Иринеј и Кирил на 15 ноември годинава во Белград. СПЦ констатира дека г. Иларион се сретнал со македонското државно раководство и со, како што посочува, „поглаварот на самопрогласената и некаконска Македонска православна црва г.г. Стефан“.
– Разговорите што митрополитот Иларион ги водеше во Скопје беа раководени од грижата за единство на Црквата и нејзината благодатна мисија за спасение на крстените души во БЈР Македонија, а се однесуваат на перспективата за регулирање на канонскиот статус на Црквата во тоа подрачје и безусловното конечно пуштање на слобода на митрополитот Јован, се вели во соопштението од СПЦ, потпишано од нејзиниот портпарол епископот бачки Иринеј.
Светиот архиерејски синод на Македонската православна црква-Охридска архиепископија завчера соопшти дека ја прифаќа иницијативата на Руската православна црква да даде придонес за обновување и успешно реализирање на дијалогот меѓу МПЦ-ОА и Српската православна црква и побара од македонските власти милост за поранешен митрополит Јован Вранишковски заради, како што беше наведено, повисоки цели.
Иницијативата на РПЦ му била пренесена на поглаварот на МПЦ-ОА г.г.Стефан од претседателот на Одделот за надворешни работи на Московската патријаршија Митрополитот Волоколамски г. Иларион, одржана на 20 декември во архиепископската резиденција во Скопје.