За година и половина наплатата на патарините долж Коридорот 10 треба да се одвива комплетно електронски преку бесконтактни смарт-картички и микробранови транспондери со кои возачите ќе можат да поминуваат со намалување на брзината на движење без застанување.
Инвестицијата од 18,7 милиони евра во модернизација и воведување електронски систем на наплата на патарините ќе ја реализира турската компанија „Аселсан“. Договорот го потпишаа денеска потпретседателот на „Аселсан“ Суад Бенгур и директорот на Јавното претпријатие за државни патишта Љупчо Георгиевски во присуство на вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески и министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески.
Со договорот е предвидена и реконструкција, проширување и модернизација на постоечките наплатни станици на Коридорот 10: Петровец, Сопот и Отовица, дислокација, модернизација и удвојување на наплатните ленти на станиците Романовце и Градско, како и изградба на две нови наплатни станици кај Демир Капија и Гевгелија.
– Потпишувањето на договорот е уште еден исчекор на Владата во насока на вложување во транспортната инфраструктура и тоа токму на најзначајната транспортна артерија низ Македонија – Коридорот 10 низ кој минува 70 проценти од вкупната трговија на стоки низ државава, рече по потпишувањето на договорот вицепремиерот Ставрески.
Според министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески, и покрај тоа што ќе се воведе автоматизран начин на наплата со целосно исклучување на човечкиот фактор ниту еден вработен во Јавното претпријатие нема да остане без работа. Вработените воопшто нема да бидат вклучени во наплатата на патарините затоа што самиот систем не се базира на кеш. Смарт картичките ќе се полнат на наплатни пунктови во близина на патарините и сигурно дека ќе има вклучени лица во сервис, наведе Јанакиески.
Цената на патарините во Македонија, појасни, не зависи од воведувањето на овој систем.
Очекувањата на Јавното претпријатие за државни патишта од изградбата, реконструкцијата и модернизацијата на наплатните станици и инсталацијата на електронскиот систем за наплата на патарината на автопатот Александар Македонски се да се овозможи брз проток на возила низ патарините , а со тоа и времетраењето на поминување на наплатните станици да биде сведено на минимум.
– Моментно наплатата е подобрена за 40 проценти, но важно е што ќе се избегне човечкиот фактор, а претпоставувам дека сигурно има некави пропусти од редот на нашите вработени и тоа да се намали. Со комплетно исклучување на човечкиот фактор и средствата ќе бидат без можност за манипулација, рече Георгиевски.
Според потпретседателот на „Асасан“, системот кој треба да го спроведат е веќе применето решение во пракса за автоматска наплата на патарини и се користи повеќе од 15 години во услови на густ сообраќај во Турција.
– Системот што ќе се спроведе во Македонија е уште понапредна верзија на овој систем. „Асесан се надева дека проектот исто така ќе помогне за унапредување на и онака добрите односи помеѓу двете држави, рече Бургур.