Собранието на огранокот на Алијансата за Албанците во Тетово, вечерва избра Вулнет Мурсели, кандидат на коалицијата АА-ААА за Општина Тетово.
Како што информираат од Алијансата за Албанците, членовите на Собранието на огранокот гласале помеѓу двајцата кандидати, Вјолца Бериша и Вулнет Мурсели. И двајцата се заложиле дека ќе работат заедно за да постигнат победа на локалните избори. Пред изборот на кандидатот, претседателот на Алијансата за Албанците, Зиадин Села рече дека членовите избрале меѓу најдобрите и дека по ова Собрание ја чека најважната битка за судбината на овој град.
„Идејата за победа не е идеја за победа на соодветно име, туку идеја за победа на политичкиот концепт. Тетово ја сака промената и заедно со граѓаните на Тетово мора да го запираме исмувањето и потсмевот на овие луѓе кои раководеа долги години со Општина Тетово и ни кажуваа дека сега одлучиле да ја запрат кражбата“, рече Села во својот говор пред членовите на Собранието.
„Алијансата за Албанците на изборите во Тетово гледа како на битка за враќање на достоинството на градот на два универзитети, градот со големи промени и градот кој е најпогоден од актуелната власт СДСМ-ДУИ. Од денеска ги започнуваме подготовките за реализација на проектите за развој на Општина Тетово, заедно со другите општини во кои Алијансата за Албанците ќе победи убедливо на изборите на 17 октомври.Големата промена што започна во Гостивар, Врапчиште и Боговиње ќе продолжи со останатите општини и ќе кулминира со победата на централната власт“, се вели во соопштението.