Втора средба на Заедничкиот комитет на експерти од Северна Македонија и Грција

Од:

Заедничкиот интердисциплинарен комитет на експерти за историски, археолошки и образовни прашања, формиран согласно обврските од Договорот од Преспа, денеска и утре во Скопје ќе го одржи вториот состанок.

Од грчкото МНР соопштија дека заменикот министер за надворешни работи на Грција, Маркос Боларис, кој воедно е и на чело на комисијата од грчка страна, денеска и утре ќе престојува во Скопје, а ќе присуствува и на приемот што го организира грчката Канцеларија за врски по повод 25 Март, националниот празник на Грција.

И од македонска страна е потврдено дека денеска започнува дводневната средба на експертските тимови на двете држави.

Грчката делегација што учествува во комитетот ја сочинуваат професорите Спиридон Сфетас, Николаос Заикос, Иаковос Михаилидис, Атина Скуларики, Атанасиос Лубас и советникот од грчкото МНР, Ефтимиос Харлавтис.

Македонскиот тим го предводи амбасадорот Виктор Габер, а во негов состав се и професорите Далибор Јовановски, Никос Чаусидис, Људмил Спасов, Ана Чупеска-Станишковска, Фахри Рамадани и Кица Колбе.

Во контекст на одржувањето на втората средба, амбасадорот Габер за МИА изјави дека се очекува во фокусот на разговорите кои се практично први суштински, да се почне со учебниците по историја и географија за основно образование.

– Даваме предност на разгледување на наведените карти и симболи во овие учебници што кај младите формираат мислење, а со тоа сакаме тие да имаат прифатлива реалност за соседот, рече Габер.

Напорите од нашата, а верува и од грчката страна, ќе бидат да дојдеме до резултати што на двете земји ќе им пружат една нова атмосфера во односите што се однесува до воспитувањето на новите генерации.

-Значи не станува збор за бришење нешто, туку за адаптирање што ќе биде во интерес на зближување на двата народа, двете држави, нагласува Габер.

Она на што ние инсистираме, вели амбасадорот Габер, е да се земе предвид меѓународното искуство, особено она што е кодифицирано во меѓународните документи како Совет на Европа и УНЕСКО, бидејќи тоа е наведено и во самиот договор и она што е современо ниво на научни сознанија во врска со третманот на оваа материја.

Грчкиот заменик-министер за надворешни работи Боларис, во интервју за грчка новинска агенција дадено минатиот месец ги изнесе трите барања што ги доставиле до македонската страна на првата средба во Солун: наставниците и професорите да избегнуваат материјали што содржат иредентизам и ревизионизам, од учебниците да се исфрлат антички грчки симболи и да се отстранат картите на голема Македонија.

-Како од грчка страна така и од страна на Северна Македонија комисиите се формирани од извонредни експерти, кои целосно ја разбираат работата што треба да ја направат, темелно ја познаваат историјата на двата народа, ги почитуваат меѓународното право и европското законодавство и се во позиција да донесат правда и да ја прикажат историската вистина, отстранувајќи ги пропагандните потточки, илустрациите и мапите што ги модифицираа учебниците во последните децении, вели Боларис.

Првиот состанок на Заедничкиот интердисциплинарен комитет на експерти за историски, археолошки и образовни прашања се одржа во Солун, на 2 ноември, минатата година. Се очекува средбите во иднина да се интензивираат заради постигнување на роковите одредени со Спогодбата од Преспа веќе од следната учебна година да се отстранат од наставните програми и од учебниците спорните точки и карти и илустрации.

Би можело да ве интересира

Герапетритис: Сакаме добрососедски односи со Северна Македонија, но не толерираме селективно усогласување со меѓународното право

Герапетритис: Доколку Северна Македонија продолжи со оваа политика, имаме средства за дополнителен притисок

Државниот врв во Северна Македонија систематски го крши Преспанскиот договор, Грција ги повторува обвинувањата

Катерина Ѓуровски

САД: Ќе работиме со Северна Македонија и Грција да го одржaт Договорот од Преспа

Мицотакис: Грција нема да ги открие оружјата што ѝ се на располагање доколку соседната земја продолжи со актуелната тактика

Мицотакис ќе го отвори прашањето за непочитување на Преспанскиот договор на самитот на НАТО, нема потврда за средба на премиерите