Народните избраници ќе треба добро да се испотат пред да добијат дозвола од собранискиот спикер и да заминат на полнење батерии. И бидејќи некој штеди само на новинарите и службите, единствено во собраниската сала е свежо, но тука пак пратениците се жалат дека од климите ќе се разболат, па одморот ќе го искористат за лекување.
И како што стана пракса, опозицијата ќе си води монолог, со по некоја реплика, и лекција од некој од пратениците дека многу се дебатира и дека опозицијата предлагала многу закони, ќе се чека на „кондиција“, и исцрпување на листата на пријавените, за да се гласа и да се „ослободат“ од „непријатната“ тема.
Меѓу нив се Предлог на закон за дополнување на Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер , Законот за државните награди, барањето на опозицијата за воведување полициски правобранител .
Ќе се премолчи или ќе се отворат картите за покривањето на финансиската дупка од 3,5 милиони евра, пари за изборната кампања на ВМРО-ДПМНЕ. НСДП бара автентично толкување како e тоа изводливо кога изборните сметки се затворени, а Законот е дециден, дека само изборната сметка може да е изворот. Седницата треба да ги расчисти дилемите дали ќе се прогледа низ прсти и дали ќе може да се работи со редовната партиска сметка.
Копјата ќе се кршат и за Информацијата која опозицијата ја наслови „Информација за продолжување и интензивирање на прекумерното, расипничко и криминално трошење на народни пари во забеганиот проект на власта Скопје „2014“.
Ќе се соочат аргумените колку пари се потрошени за овој проект. Опозицијата навела, дека наместо првичните 80 милиони евра, проценките зборуваат за фантастични половина милјарда евра. И наведува за три жални врби , 250 илјади евра, за ограда на мост, милион и 700, за Прометеј 2 милиони и 400, за Филип втори пет милиони и 500 илјади.
„Врв на лицемерие е односот на ВМРО и ДУИ кон една од најголемите ѕвезди Тоше Проевски. Власта се откажа од изградбата на споменик за Тоше, а нема зима и фрчат пари за споменици кои се симбол на фрустрации и идентитетско бунило а не историско минато“ – напишала опозицијата во барањето информација за парите за проектот Скопје 2014.
И згора на се опозицијата бара и надзорна контрола и како се трошат народните пари. Стартуваат со субвенциите во земјоделството, а ќе се отворат и сите актуелни теми. Како сведоци ќе се појават и Грувески и Бошковски и Мијалков и Валентина Стефановска.
Иако спикерот Велјановски тврдеше дека нема да има надзори без враќање на опозицијата на координации, сепак власта реши да ги испочитува 3-те чекори од договореното со НДИ и да не ги опструираат надзорните расправи.
Катерина Цаневска