„Кучиња, мачки облеани во повраќаници, измет, крв паднати насекаде (покрај Здравствениот дом во Берово, Кеј Брегалница и улица Моша Пијаде – покрај основно училиште), се слика на Берово овие денови, последица од масовното фрлање отрови, помор уследен пред празникот Голема Богородица.
Покрај мртвите тела на кучињата и мачките, жртва беше и една преубава млада птица. Дел од животните се уште не биле мртви кога жителите на Берово ги виделе – во агонија и треска која наликува на силни епилептични напади и очајна борба за здив, сите до едно починаа од силата на отровите, на раце на потресени беровчани.
Бројни траумирани граѓани не контактираа да не известат и бараат помош , цитираме еден од нив:
„ Сакав да ве известам за појава на масовно труење на животни во Берово кое се случува од 20.08.2014 година. Глетката е страотна. Безживотните тела на отруените животни се насекаде по улиците.Претпоставувам некој, во пресрет на престојниот празник Голема Богородица сакал да “го реши проблемот со кучињата” во цело Берово. Отрул се.
…..Мојата болка се состои во тоа што иако многу животни беа отруени, иако глетката по улици беше ужасна, а и многу домашни миленици беа затруени, ретко да некој го пријави во полиција, која е причината не знам. Изгледа дека луѓето не се свесни дека се почнува од нас, ако само молчиме значи дека се согласуваме со одлуката на починителите кои го деградираат нашето општество.
Очекувам ваша помош на било кој начин во врска со случајот затоа што немам намера да се откажам и ова да помине неказнето.Помогнете ми случајот да се актуелизира, да се изврши медиумски притисок врз сите, вклучително и врз граѓаните кои се уште не чувствуваат потреба да пријават или можеби и не се запознаени со законската регулатива и постапувањето во тој случај. Очекувам ваш одговор. “
Кој се крие зад масовното убивање животни во Берово, кој ги уби животните и кој изврши атак врз хуманоста и јавната безбедност во градот? Посочуваме дека отровот е расфрлан на многу места, по улици каде има голема фрекфенција на луѓе, вклучувајќи и деца (покрај основно училиште). Отровот е смртоносен и како што може да убие животно во 10 минути, истото може да го направи и на човековиот организам – трајно осакати или убие.
Бараме одговори, истрага и најстрога казна за сторителот/телите зошто во случај се извршени 2 тешки кривични дела – предизвикување општа опасност и мачење на животни, дела за кои се предвидува и затворска казна.
Ја повикуваме општината Берово, го повикуваме градоначалникот Драги Наџински веднаш да спроведат темелна истрага, обезбедат одговори кој фрлил отрови насекаде во Берово и сторат се што е потребно сторителите да бидат најстрого казнети. Бараме и јавно да го осудат ваквото самоволие и акт на насилство на кое се изложени сите, без исклучок – и луѓето и животните“, се вели во соопштението на Анима Мунди.