Волкер: Една година пред Букурешт, Грција најави дека нема да ја почитува Времената спогодба

Од:

Американскиот дипломат Курт Волкер изјави дека пред Самитот на НАТО во Букурешт, Грција го сменила својот дотогашен став и решила да не ја испочитува Времената спогодба, затоа што проценила дека натамошното исполнување на овој договор е штетен за нејзините интереси.

Волкер, поранешен амбасадор на САД во НАТО и заменик-помошник државен секретар задолжен за европски прашања, додаде дека пресудата на Меѓународниот суд на правдата во декември 2011 година, во полза на Македонија, била позитивна можност да се реши овој спор, но оти некои од земјите-членки на НАТО не сакале да го сторат тоа, сметајќи дека Грција нема капацитет да се справува и со ова прашање, во време кога е соочена со преговори за спасување од фискалната криза.

Тој нагласи дека во 1995 година Македонија и Грција постигнале договор за Македонија да стане членка на меѓународни организации под името Поранешна Југословенска Република Македонија и тоа се случило повеќепати, како со членството во Обединетите нации или во Партнерството за мир на НАТО.

– Додека го разгледувавме членството на Македонија во НАТО во 2008 година, пред самитот во Букурешт, впрочем цела година пред самитот, Грција јасно порача дека веќе нема да го дозволува ова и дека за неа е потребно да има решение за прашањето на името пред да се одржи самитот. Грција резонираше дека Времената спогодба бавно, малку по малку, де факто го решава спорот во полза на Македонија и оти на тој начин прашањето за името нема никогаш да се реши. Затоа, рекоа не, нема веќе ова да го правиме, мора да има решение. Ова ја блокираше поканата за Македонија и процесот на разговори оттогаш е надвор од колосек, изјави амбасадорот Волкер кој се обрати на конференција посветена на претседавањето на Република Кипар со Европската унија.

Конференцијата беше организирана во Вашингтон од страна на Американскиот еленски институт, организација која ги застапува грчките интереси во Соединетите Американски Држави.

Би можело да ве интересира

НАТО соопшти дека не ги гледа условите за поканување на Киев во Алијансата

НАТО: Украина да обезбеди војници, ние испраќаме само средства

Горан Наумовски

Нордиските и балтичките земји ја поддржуваат улогата на НАТО во поддршката на Украина

Русија: Немаме намера да влегуваме во конфликт со НАТО

Четири години од членството во НАТО – Земјава не е само фактор на стабилизација на регионот, туку и поттик за државите во соседството

ВИДЕО: 25 години од НАТО нападот на Србија

Катерина Ѓуровски