Од минута во минута: Референдум за Договорот со Грција

Од:

Во Македонија денеска се одржа референдум на државно ниво на којшто гласачите се изјаснуваа на прашањето „Дали сте за членство во ЕУ и НАТО, со прифаќање на договорот на Република Македонија и Република Грција?“ со заокружување „за“ или „против“.

Право на глас имаат еден милион 806 илјади и 336 гласачи запишани во Избирачкиот список.

Се гласаше на 3.748 избирачки места.

Реакции за референдумот на ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ и Бојкотирам

ВО ЖИВО: Реакции за референдумот на ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ и Бојкотирам

ВО ЖИВО: Реакции за референдумот на ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ и Бојкотирам

Posted by A1on.mk on Недела, 30 септември 2018

Следете ги последните информации во врска со одѕивот и текот на гласањето.

23:18 – (ВИДЕО) Заев: Европска Македонија освои повеќе гласови од кои било избори во историјата на Макeдонија

На референдумот гласаа повеќе од 650 илјади граѓани и повеќето од 90 отсто гласа „за“.Со тоа порачаа дека Македонија треба да го прифати Договорот со Грција и да стане членка на НАТО и ЕУ, порача вечерва премиерот Зоран Заев.

23:03 – Нова демократија: Ќе вложиме напори Договорот од Преспа да не стапи во сила

Нова демократија ќе вложи секаков можен напор за да не стапи во сила национално штетниот Договор од Преспа, соопштуваат од грчката опозициска партија во однос на референдумот во Македонија.

23:01 – Глас за Македонија бара итна и неотповиклива оставка од Зоран Заев

Партијата Глас за Македонија бара итна и неотповиклива оставка од Зоран Заев. Денес, македонскиот народ и останатите граѓани на Република Македонија, јасно покажаа дека неговата политика на бесконечни кршења на законите, доживеа вистински бродолом.

22:56 – Каменос: Референдумот во ФИРОМ е неважечки

Грчкиот министер за одбрана, Панос Каменос, напиша на „Твитер“ дека референдумот за промена на името во поранешната југословенска Република Македонија (ПЈРМ) е неважечки поради нискиот одѕив.

22:31 – (ВИДЕО) Дерковски: Еден од двата услови за успешен референдум не е исполнет

Државната изборна комисија врши организација на овие процеси, одлуките се сметаат за усвоени ако за нив гласале повеќе од половината граѓани запишани во Избирачкиот список, освен за одредени прашања ако поинаку не е утврдено.

Треба да се исполнат двата кумулативни услови, јасно е дека на овој референдум не е исполнет еден од условите, изјави претседателот на ДИК, Оливер Дерковски.

22:24 – МОСТ: Излезеноста на референдумот изнесува 36,6 проценти

Одѕивот на гласачите на денешниот референдум според ПВТ програмата е 36,6 проценти, со маргина на грешка од +/- 1 процент, соопшти Граѓанската асоцијација МОСТ на вечерашната прес-конференција.

22:18 – Обработени 80% од избирачките места: „За“ гласале 91,2 отсто, „против“ 5,86

Според обработените 80 проценти од избирачките места што ги објави Државната изборна комисија на својата веб страница, „за“ на референдумското прашање се изјасниле 91,2 проценти или 458.053 граѓани, а „против“ биле 5,86 проценти или 29.448 граѓани. Неважечки се 2,94 проценти.

22:14 – Телефонски разговор Заев – Ципрас

Македонскиот и грчкиот премиер Зоран заев и Алексис Ципрас имале телефонски разговор по завршувањето на гласањето, наведува грчката новинска агенција АНА-МПА.

21:55 – Медиумите во светот: Низок одѕив на Референдумот во Македонија, премиерот Заев најави или гласање во Собрание или избори

Локалните и светските медиуми внимателно го следеа денешниот референдумски ден во Македонија. Вечерва тие пишуваат дека останува неизвесно што ќе биде со Договорот од Преспа по слабиот одѕив на референдумот.

21:37 – ВИДЕО: Песни и ора пред Собранието на Република Македонија

Неколку стотици граѓани, поддржувачи на Бојкотирам со песни и ора ги слават резултатите од Референдумот за промена на името на Република Македонија пред Собранието.

21:24 – Грчко МНР: Грција ги почитува одлуките на граѓаните на соседната земја

Голем дел од општеството го поддржа договорот, друг дел го гледа со скептицизам, но Грција го почитува изборот на граѓаните од соседната земја, соопштуваат од Министерството за надворешни работи на Грција во однос на резултатите од референдумот, кои ги коментираат како контрадикторни.

Во соопштението од грчкото МНР, објавено нешто повеќе од час и половина по завршувањето на гласањето велат дека, „Грција одблиску, но со соодветна дистанца, ги следи случувањата“, а исто така, „останува обврзана кон Договорот од Преспа“.

21:15 – Движење БЕСА: Граѓаните, кои излегоа на референдум, се изјаснија ЗА НАТО и ЕУ

По завршување на изборниот процес за референдумот, Движењето БЕСА е тука да изјави дека овој изборен ден, со мали забелешки, помина на најдобар можен начин и граѓаните имаа можност да ја изразат слободно својата волја. Затоа Ѝ честитаме на Државната изборна комисија, на безбедносните органи и на органите на правдата.

По овој повод им се заблагодаруваме на сите граѓани кои се одѕваа на повикот за референдум, потврдувајќи притоа голема граѓанска одговорност и зрелост за значајниот момент на кој се наоѓа државата.

21:14 – Обработени половина од избирачките места: „За“ гласале 90,81 отсто, „против“ 6,18 отсто

Според првичните податоци што ги објави Државната изборна комисија (ДИК) на својата веб страница од обработени 50 проценти од избирачките места, „за“ на референдумското прашање се изјасниле 90,81 отсто, а „против“ се 6,18 проценти.

21:09 – Хан: Широка поддршка за Преспанскиот Договор

Еврокомесарот за проширување Јоханес Хан прв се огласи во Брисел за исходот од референдум, оценувајќи дека гласовите “за“ на референдумот се значајни и со тоа се дава поддршка на Договорот од Преспа.

21:06 – Петров: Ги отфрламе резултатите од Референдумот, бараме оставка од Владата и вонредни избори

Денес е голем ден, го одбранивме името и идентитетот. Со Македонија постоиме, без Македонија ќе не снема, изјави претседателот на Семакедонскиот конгрес, Тодор Петров, кој посочи дека ги отфрлаат резултатите од референдумот и бараат оставка од Владата.

„Договорот со Грција е отфрлен со овој референдум. Според Уставот пратениците најмалку 2 години не можат да гласаат за договорот со Грција“, изјави од прославата пред Собранието, Тодор Петров.

20:57 – МВР: До 19 часот приведени 12 лица

До 19 часот евидентирани се 20 случаи на прекршување на избирачкото право или нарушување на јавниот ред и мир за време на гласањето на денешниот референдум, информира на вечерашната прес-конференција портпаролот на МВР, Тони Ангеловски.

Меѓу евидентираните случаи имало напад на полициски службеник, фотографирање на гласачи, фотографирање на гласачко ливче, спречување на граѓани да гласаат и друго.

20:53 – Ахмети: Македонија има многу поважни работи отколку предвремени парламентарни избори

Денешниот ден е важен за сите граѓани, за институциите, за демократијата. Денеска демонстриравме демократија, процес за влез во НАТО и ЕУ. Овој процес значи реформа за затворање на прашањето со Грција. Вечерва сакаме да кажеме дека Собранието треба да ја донесе таа важна одлука за Договорот со Грција. Ние ќе гласаме за. Во изборите во 2016 година кажавме дека сме за НАТО и сите сакаме да влеземе во НАТО и ЕУ. Ние затоа го добивме тој мандат за да влеземе во НАТО, затоа што друга алтернатива немаме. Референдумот е консултативен, изјави лидерот на ДУИ, Али Ахмети.

20:40 – Мицкоски: Заев е делигитимиран, да ја почитува волјата на народот

Македонија денеска кажа дека договорот не поминува, имаме длабоко неуспешен референсу, Заев доживеа дебакл. Бројот на граѓани кои не дадоа поддршка, односно апстинираа е драстично поголем од оние кои гласаа ЗА договорот. Факт е дека договорот доби стоп од народот, а народот кој е сопственик на оваа земја покажа исклучително демократска свест. Граѓаните, оние кои не гласаа, со апстиненција ја испратија најголемата порака: „Ова е Македонија“, рече Мицкоски.

Нашиот народ е силен, народот не го скршија, ниту уцените, ниту бруталните закани, ниту списоците и малтретирања на граѓаните. Власта е тотално разобличена и тоа покажуваат очајните обиди во име на ВМРО –ДПМНЕ да се праќаат пораки да излезат на граѓаните.

20:39 – Бајрами: Симболична бројката на пријави пристигнати до ЈОРМ

Симболична е бројката на пријави пристигнати до привремената комисија формирана од Јавното обвинителство на РМ за евентуално противправности при спроведувањето на референдумот. Генерално можам да заклучам дека атмосферата беше мирна, немаше поголеми нарушувања на редот и мирот за време на гласањето во текот на денешниот ден. Можеме да заклучиме дека денешното гласање на референдумот е едно од најмирните денови на гласање во последните изборни циклуси, било да се парламентарни или локални избори, рече вечерва на прес-конференција јавниот обвинител на РМ и претседател на Комисијата, Џељаљ Бајрами.

20:35 – „За“ гласале 91,03 проценти, „против“ 6,03 отсто – првични резултати од обработени 710 избирачи места

Според првичните податоци што ги објави Државната изборна комисија (ДИК) на својата веб страница од обработени 20 проценти од избирачките места, „за“ на референдумското прашање се изјасниле 91,03 проценти, а „против“ биле 6,03 проценти.

20:33 – БЕСА: Граѓаните испратија порака дека за иднината на Македонија треба да одлучат пратениците

Граѓаните испратија јасна порака до политичарите дека за иднината на Македонија треба да одлучат народните избраници земајќи ја целата политичка одговорност во Собранието, изјави вечерва претседателот на движењето „Беса“, Биљал Касами.

20:24 – Џафери не гласал, го немало на Избирачкиот список

Претседателот на Собранието, Талат Џафери, не гласал на референдумот затоа што го немало на Избирачкиот список.

„Точно е дека ме немаше на Избирачкиот список, се надевам дека е изолиран случај и дека немало слични ситуации“, рече Џафери.

20:10 – Поддржувачите на Бојкотирам со оро ги слават резултатите од Референдумот

Неколку стотици граѓани поддржувачи на Бојкотирам пред Собранието со песна ги слават резултатите од Референдумот за промена на името на Република Македонија.

Граѓаните со транспаренти и знамиња во рацете извикуваат слободна Македонија.

20:01 – Левица повика на прослава: Денес е ГОЛЕМ ДЕН во поновата македонска историја!

Денес, еден мал и мирољубив народ на Балканот го покажа своето достоинство и гордо одби да се самоукине!

Денес, Македонците, Албанците, Турците, Власите, Србите, Ромите, Бошњаците и сите други наши сонародници – солидарно, преку организиран МАСОВЕН БОЈКОТ на илегалниот референдум, покажаа сплотеност и заедништво во Отпорот спрема империјализмот спроведен од корумпираните елити и го одбрани АСНОМскиот карактер на Републиката.

19:53 – Заев: Ако ВМРО-ДПМНЕ не ја почитува волјата на народот, тогаш веднаш одиме на избори

Лидерот на СДСМ и премиер Зоран Заев и покрај неисполнетиот цензус најави дека продолжува со европскиот пат на Македонија.

Граѓаните и институциите спроведоа мирен референдумски ден, Македонија и граѓаните покажаа дека се дел од европското семејство, гласаа достоинствено и слободно. Секој граѓанин донесе одлука по сопствено убедување, референдумот е алатка на која одлучуваат само тие што излегуваат на гласање.

19:37 – МОСТ: Излезноста до 18 часот – 33 отсто

Граѓанската асоцијација МОСТ на вечерашната прес-конференција соопшти дека одѕивот на гласачите на референдумот според ПВТ програмата до 18 часот е 33 проценти со маргина на грешка од +/- 0,6 проценти.

Извршниот директор на МОСТ Дарко Алексов изјави дека од набљудувачите и регионалните координатори на МОСТ добиени се и потврдени информации дека на гласачкото место 1961 во општина Тетово регистрирани се 10 случаи на некористење на УВ ламбата, при што ИО не реагирал на ваквата појава.

19:15 – Кризен штаб против референдумот: Поткупувања и нерегуларности во Битола, Струмица и Шуто Оризари

Кризниот штаб против референдумот кој ја предводеше кампањата „Бојкотирам“ на прес конференцијата која се одржа во 16 часот информираше дека во текот на денот имало низа нерегуларности во гласање особено во Битола каде набљудувачите забележале голема раздвиженост на возила со скопски и тетовски регистарски таблички кои, како што велат, имале за цел да ги извадат луѓето на гласање. Исто така било забележано и поткупување на гласачи во струмичкото ромско маало, како и во скопската населба Шуто Оризари.

19:12 – Бојкотирачите подготвуваат прослава пред Собрание

Големо полициско обезбедување позади Собранието на Република Македонија, додека пред Собранието се собираат граѓани од иницијативата „Бојкотирам“.

19:00 – ДИК: Одѕивот до 18:30 часот – 34,09 проценти

До 18:30 часот на референдумот гласале 34,09 отсто од вкупно запишаните во избирачкиот список.

17:32 – ДИК: До 17 часот на референдумот излегле 455.771 гласач – 28,83%

До 17 часот на референдумот излегле на гласање 455.771 односно 28,83 отсто од вкупно запишаните во Избирачкиот список, соопшти на прес конференција претседателот на ДИК, Оливер Деркоски.

17:23 – МОСТ: Одѕивот на гласачите до 16 часот е 26%

Одѕивот на гласачите, според ПВТ програмата на МОСТ, до 16 часот е 26% со маргина на грешка од +/- 0,4%.

16:50 – МВР: Уште шест инциденти за време на гласањето

МВР регистрира уште шест нови инциденти за време на референдумското изјаснување по претходно евидентираните седум.

15:55 – 25 пријави кај Народниот правобранител за попречено гласање

На бесплатната телефонска линија за пријавување нерегуларности и попречување во гласањето, до канцеларијата на Народниот правобранител имало 25 јавувања до 13 часот, изјави Зоран Билбиловски, секретар кај Народниот правобранител.

15:36 – ДИК: На референдумот до 15 часот излегле 334.075 гласачи

Излезеноста на граѓаните на денешниот референдум до 15 часот е 22,56 отсто од вкупно запишаните во Избирачкиот список или 334.075 граѓани, соопшти претседателот на ДИК, Оливер Дерковски.

14:37 – МОСТ: Гласањето се одвива без проблеми, со помали технички предизвици

Одѕивот на гласачите, според ПВТ програмата на МОСТ, до 13 часот е 16% со маргина на грешка од +/- 0,32%.

13:49 – ДИК: До 13 часот на референдумот излегле 261.473 гласачи

До 13 часот на денешниот референдум на гласање излегле 261.473 гласачи или 16,00 отсто од вкупно запишаните во Избирачкиот список, соопшти на прес конференција претседателот на ДИК Оливер Денковски.

12:16 – Двесте набљудувачи на ОБСЕ/ОДИХР го следат референдумскиот процес

Набљудувачката мисија на ОБСЕ/ОДИХР денеска има околу 100 тимови по двајца набљудувачи распоредени на гласачки места низ државата кои ќе информираат за гласањето на референдумот.

Шефот на Мисијата Јан Петерсен рече дека набљудувачите се на гласачките места пред почетокот на гласањето и ќе бидат таму во текот на денот.

11:50 – МВР регистрира четири инциденти на гласањето, апелира на воздржаност од нарушување на јавниот ред и мир

Од отворањето на гласачките места досега се регистрирани вкупно четири инциденти, соопшти портпаролот на МВР Тони Ангеловски.

Како што рече на прес-конференција, на гласачкото место во ОУ „Лазо Ангеловски“ во Аеродром К.Ж. (22) навредувал граѓани и физички нападнал полициски службеници поради што е приведен во полициската станица.

11:33 – ДИК: До 11 часот излегле 8,03%

Одѕивот на референдумот до 11 часот е 8,03 отсто од запишаните гласачи, информира, на втората прес-конференција, Државната изборна комисија.

Највисока излезност има во Центар – 13,31 проценти, Крива Паланка 13,08 проценти и Карпош – 12,51 процент.

Најнизок одѕив има во Могила – 3,16 проценти и Пласница 3,30 проценти.

11:30 – Полицијата регистрира испишани графити, поставен транспарент и вербален напад за референдумот

Во текот на ноќта и утрово во полицијата е пријавено дека на неколку места се испишани графити во врска со референдумот. Според полицијата има еден случај на поставен транспарент, а скопјанец пријавил дека бил вербално нападнат во врска со гласањето на референдумот.

11:25 – МОСТ: Oдѕивот на гласачите до 10 часот е 5,2%

Граѓанската асоцијација МОСТ денеска соопшти дека досега гласањето се одвива во мирна атмосфера без инциденти.

МОСТ наведува дека според податоците добиени од програмата за паралелно сумирање на гласовите (ПВТ), која претставува математичко-статистички научен метод, одѕивот на гласачите до 10 часот е 5,2 отсто со маргина на грешка од +/- 0,2 отсто.

10:57 – Инцидент на гласачко место во општина Аеродром, лицето приведено

Дваесет и двегодишен скопјанец денеска го нарушил јавниот ред и мир на гласачкото место во Основното училиште „Лазо Ангеловски“ во општина Аеродром. Тој навредувал граѓани и физички нападнал полициски службеници.

Како што соопшти МВР, лицето е приведено во Полициската станица Аеродром и е утврдено дека се работи за К.Ж. (22) од Скопје.

10:45 – ЈОРМ: До 10 часот не е пријавен посериозен инцидент

Комисијата за следење евентуални противправности сторени при организирањето и спроведувањето на референдумот информира дека до 10.00 часот утринава не е пријавен кривично правен настан или посериозен инцидент кој би значел повреда на правото на гласање и противзаконито дејствување предвидено во Глава 16 – Кривични дела против изборите и гласањето од Кривичниот законик, како и други кривични дела кои би биле сторени при организирањето и спроведувањето на референдумот.

Во соопштението наведуваат дека дежурни јавни обвинители во сите Основни и Виши јавни обвинителства го следат процесот на гласање и се подготвени да ги преземат сите потребни дејствија за откривање и гонење на сторители на кривични дела кои се поврзани со процесот на гласање за референдумот.

09:55 – До 9 часот одѕивот на референдумот е 2,45 отсто

До 9 часот изутринава, излезноста на референдумот е 2,45 отсто, информираше Државната изборна комисија. Податоците се добиени од 71,58 гласачки места. Најголем одѕив има во Демир Хисар 4,12%, а најмал во Конче 0,73.

Изутринава имало поднесено три приговори за повреда на изборното право и сите биле одбиени. Граѓани се жалеле дека ги немало во список. ДИК информираше дека во однос на приговорите било утврдено дека еден од нив немал сменето адреса, еден бил со неважечка лична карта и третиот бил од дијаспората, но неговиот приговор не бил доставен навремено во ДИК. Генерално гласањето се одвива без нерегуларности, оценуваат од Комисијата.

09:30 – МОСТ: Гласањето во прекин 50 минути во едно гласачко место, УВ ламбите не функционирале

Отворени се сите гласачки места на кои Граѓанската асоцијација МОСТ има распоредено свои набљудувачи и тие немаат проблеми при набљудување на процесот. Отворањето на гласачките места помина без регистрирани проблеми. Гласачкиот материјал е доставен на сите гласачки места, а уредувањето на гласачките места е на начин што ја запазува тајноста на гласањето.

Ова на денешната прва прес-конфернеција го соопшти извршниот директор на ГА МОСТ Дарко Алексов.

09:25 – Избирачките места отворени, гласањето се одвива без прекин

Избирачките места за референдумот се отворени утрово во седум часот и секаде гласањето тече без прекин, информираат од Државната изборна комисија.

Се гласа на 3.478 избирачки места, кои ќе бидат отворени до 19 часот.

07:48 – Народен правобранител: Бесплатни телефонски линии за повреда на гласачкото право

Во канцеларијата на Народниот правобранител денеска од 7 до 19 часот ќе функционира бесплатната телефонска линија 0800-54321, на која граѓаните ќе можат да пријават каква било повреда на гласачкото право на слободно изразување на нивното мислење и став по однос на референдумското прашање.

Отворени за граѓаните ќе бидат сите седум канцеларии на Народниот правобранител во Скопје, Битола, Кичево, Куманово, Струмица, Тетово и Штип, со цел да им се помогне во остварувањето и заштитата на нивните права.

Покрај лично во канцелариите како и на бесплатната линија граѓаните ќе можат за заштита на своите права да се јават и на следниве телефонски броеви:Тетово 044 344-082, Струмица 034 329 996, Кичево 045 228-586, Битола 047 242-310, Штип 032 389-701 и Куманово 031 431-488.

07:47 – Комисија на ЈОРМ ќе следи евентуални нерегуларности на референдумот

Привремена комисија формирана од Јавното обвинителство на РМ ќе ги следи евентуалните противправности при организирањето и спроведувањето на референдумот.

Во Комисијата членуваат по еден јавен обвинител од четирите Виши јавни обвинителства и еден обвинител на ОЈО Скопје.

07:45 – Канцеларијата на Хелсиншки отворена за граѓаните за приговори за референдумот

Канцеларијата на Хелсиншкиот комитет за човекови права на Република Македонија денеска ќе биде отворена со цел да им овозможи на граѓаните да пријават повреда на избирачкото право за време на референдумското изјаснување.

Комитетот, како што се наведува во нивното соопштение, ги охрабрува сите граѓани кои сметаат дека нивното избирачко право е повредено да го пријават случајот во канцеларијата на Комитетот, што се наоѓа на ул.„Наум Наумовски Борче“ бр. 83. Доколку на граѓаните им е потребна мапа за локацијата на Комитетот може да ја најдат на веб-страница :http://mhc.org.mk/pages/contact.

07:44 – ДИК апелира изборните органи да работат професионално и одговорно, набљудувачите да се придржуваат до Кодексот

Државната изборна комисија (ДИК) апелира до сите изборни органи, вклучени во процесот на организација и спроведување на референдумот, својата работа да ја извршуваат професионално и одговорно, во согласност со законските процедури.

Акредитираните набљудувачи при вршењето на набљудувањето, како што потенцираа од ДИК, се должни да се придржуваат на правилата и процедурите од Кодексот за набљудување на Референдумот 2018 и доследно да ги применат законските прописи кои произлегуваат од Кодексот.

07:44 – Референдумот го следат 11.907 домашни и 493 странски набљудувачи

Рекорден број домашни и странски набљудувачи денеска ќе бидат на избирачките места за да го следат процесот на изјаснување на граѓаните на Република Македонија за референдумското прашање. Официјалната бројка од ДИК на акредитирани домашни набљудувачи е 11.907, на странските набљудувачи е 493, а меѓународните организации акредитирале и 194 преведувачи.

Покрај домашни, референдумот ќе го следат и странски новинари. ДИК акредитирала 83 новинари од 32 медиума, но, како што информираат оттаму, неколкумина новинари биле одбиени поради тоа што доставиле барање за акредитации по истекот рокот кој заврши на 24 септември на полноќ.

Би можело да ве интересира

Ирска на референдумот одлучува за уставната идеја за семејството и улогата на жената во домот

Пет години од референдумот за Договорот со Грција

Словачкиот референдум не успеа поради слабата излезност

Џафери не ја добил референдумската иницијатива за францускиот предлог: Ќе ви кажам кога ќе одговорам

Кристијан Ландов

Нема да има референдум, Џафери го одби Мицкоски

Ана Ололовска

Костовски: Референдумот е за личен спас на фотелјата на Мицкоски