Општина Центар заедно со полициската станица „Центар“, упатува јавен повик во врска со последните настани со расфрлање отпад со отров низ цело Скопје, но посебно во општина Центар. Ние како општина преземаме мерки колку може побрзо да се расчисти случајот за да не ни се случи масовно труење на животните, изјави градоначалникот на Општина Центар, Саша Богдановиќ кој потсети дека отровот, покрај тоа што е опасен за животните, може да биде фатален и за најмладите.
-Ние ќе излегуваме во контрола секој ден, но апелираме и за помош за пронаоѓање на луѓето кои фрлаат отров. Апелираме до граѓаните за било каков податок доколку затекнат сомнителен лик да расфрла отровни материи. Општината ќе дава парична награда за оној кој ќе даде било каков податок. Очекуваме ова да биде стимул за луѓето да ни дадат било каква информација, вели Богдановиќ.
Градоначалникот на Општина Центар информираше дека секојдневно во општината добиваат 4 до 5 пријави за расфрлен отров и дека се спрема кривична пријава, но засега не се утврдени сторителите.
-Има некакви индикации, но се уште не знаеме за точно кои луѓе станува збор. Во соработка со Министерството за внатрешни работи ќе бидат извршени детални проверки и ќе се преземаат конкретни мерки, најави Богдановиќ.
Досега од страна на општина Центар имаше неколку расчистувања на расфрлен отров и тоа кај Клубот на новинари, во населбата Капиштец, кај катната гаража во „Буњаковец“ и кај државна болница.
– По тоа што јас го гледам станува збор за организирана акција и не верувам дека ова го прават еден или двајца луѓе, прецизно се фрла точно каде луѓето чуваат миленици, од 20 часот па подоцна, вели Богдановиќ.
Заменик командирот на полициската станица „Центар“, Милисав Мијалчиќ апелираше до сите кои чуваат миленичиња да се држат до законот за миленичиња, односно да носат каиш и маска за да не дојде до непријатни ситуации. Во спротивно, доколку не се почитува законот ќе следат кривични пријави.
Виктор Јованов