На денешното гласање на референдумот до 17 часот се изјасниле 455.771 граѓанин или 28,83 отсто од вкупно запишаните во Избирачкиот список. Ова се податоци од обработени 87,25 отсто информации од општинските изборни комисии, соопшти на прес-конференција претседателот на ДИК Оливер Деркоски.
Посочи дека математиката на ДИК е точна бидејќи во дел од медиумите во јавноста било објавено дека ДИК, како што рече, лошо правеле математика.
ВО ЖИВО ОД ДИК: Одѕив до 17 часот
ВО ЖИВО ОД ДИК: Одѕив до 17 часот
Posted by A1on.mk on Недела, 30 септември 2018
Дерковски посочи дек на прес-конференцијата во 15;30 часот не соопштил од колку обработени податоци е извадена просечната излезеност на гласањето и дека потоа во дел од медиумите и јавноста имало објави дека е „лоша“ математиката на ДИК.
– Математиката е точна, меѓутоа не напоменав дека во тој момент се работи за обработени над 81 отсто, рече Деркоски.
Претседателот на ДИК на прес-конференцијата повторно апелираше до сите учесници во процесот да продолжат онака како што цел ден се одвиваше гласањето со мали исклучоци.
– Главно сликата е добра за денешниот ден. Сметам дека така треба да продолжи. Се зависи од граѓаните на Република Македонија и затоа апелот е до нив, но се зависи и од изборните органи кои не треба да дозволуваат какви било неправилности во овој процес, рече Деркоски.
Во последните неколку часа до ДИК се поднесени уште неколку приговори кои се однесуваат на неможноста граѓаните да го остварат своето право на глас. Овие приговори како и останатите во текот на денот беа отфрлени од ДИК бидејќи се работи за лица кои не биле на Избирачкиот список поради тоа што не поседувале или менувале лични документи, а имало и случај кога не било побарано да бидат впишани во Избирачкиот список.
На новинарско прашање Деркоски потврди дека претседателот на Општинската изборна комисија во Сарај е испратен да изврши увид на избирачко место за кое се тврди дека имало некаков инцидент.
Информираше исто така поради прекин во снабдувањето со електрична енергија во село Матејче гласањето било прекинато десетина минути и дека по санирањето на проблемот тоа продолжило. Имајќи предвид дека во текот на денот немало поголеми прекини во гласањето Деркоски вели дека по 19 часот не очекува продолжување на гласањето на некои избирачки места.
Во однос на излезеноста меѓу општините со најголема излезност се Сарај 54,21, Липково 41,56, Центар 39,51 отсто, Арачаиново 38,30, Чаир 36,16, Струмица 29,74, Охрид 29,40, Пехчево 29,46, Пласница 30,62, Прилеп 30,47, Чашка 31,39, Крива Паланка 34,05, Аеродром 29,60, Гевгелија 33,64, Берово 29,95… Меѓу општините со најмала излезеност… Босилово 17,60, Могила 16,58, Ново Село 13,80, итн.
ДИК се очекува пред 19 часот да излезе со уште една информација за излезеноста пред завршувањето на гласањето и затворањето на гласачките места. ОД ДИК информираат дека околу 20 часот би можело да има нова прес-конференција на која што би се соопштила излезеноста на денешниот референдум со првични информации до 19 часот.