Претседателот на Движењето Беса, Билал Касами на денешната прес конференција изјави дека целиот процес околу организирање на првиот конгрес на партијата е фер и коректен, но некои членови на партијата се обидуваат да извршат одредени опструкции.
-Нема раскол во партијата, има луѓе кои се незадоволни. Ги охрабрувам да се држат до статутарните одредби и доколку сакаат да бидат на чело на партијата треба да ги почитуваат правилата, вели Касами.
Тој информираше дека на 22 декември уредно биле испратени покани до сите членови на Централниот партиски совет за средбата во Тетово при што е испочитувана и нормата членовите да бидат известени 1 недела пред настанот.
-На средбата беше договорен конгресот на партијата да се одржи на 24 февруари, беа поставени роковите за поднесување кандидатури за претседател на партијата како и беше одлучено јас да го вододам конгресот, вели Касами.
Актуелниот претседател на Беса уште еднаш потврди дека по оваа средба неколку луѓе насилно влегле во просториите на Беса во Скопје, при што одржале средба со луѓе кои не се членови на Централниот одбор на партијата што според Касами значи дека се прекршени статутарните одредби на партијата.
-Вчера дојдовме во седиштето во Скопје и влеговме внатре каде најдовме 2 неовлатени лица по што ја известивме полицијата која ги отстрани лицата и ни овозможи пристап во просториите. Беше објавено дека јас насилно сум влегол во седиштето на партијата но, тоа не е точно, рече Касами.
Тој вели дека не постојат 2 Движења Беса туку само едно кое работи врз основа на одлуките кои се донесени на Централниот одбор на 6 јануари во Тетово.
– Незадоволните, ако се навистина членови на Беса нека дојдат да ги престават кандидатурите за да направиме здрава демократска трка за претседател на партијата. Секој што мисли дека има мнозинство може слободно да се кандидира и да стане претседател на Беса. Јас се кандидирам, но не значи дека победата е моја, тоа ќе го одлучат делегатите, вели Касами.
Виктор Јованов