Во февруари следната година целосно ќе заврши надградбата, доградбата, зајакнувањето и адаптирањето на објектот на Собранието на Република Македонија. Ова е прв ваков зафат на овој објект во центарот на Скопје којшто е изграден во 1938 година и бил седиште на тогашната локална управа.
Архитектот на Собранието Биљана Ивановска во изјава за МИА вели дека сега сите 123 пратеници имаат свои канцеларии. Наскоро се очекува да бидат ставени во функција и новите сали каде што комисиите ќе може да ги одржуваат своите заседанија.
Во завршна фаза се и работите под големата купола каде што ќе биде големата сала за меѓународни конференции.
– Не е завршен уште ентериерот на салата под големата купола. Тој во моментот се работи, како и холот пред таа сала. Внатрешениот двор треба да се поплочи, а надвор се работат и дел од тротоарите. Салата под големата купола се планира за меѓународни конференции. Во моментот се работи масата каде што ќе седат претседавачите и ќе има капацитет од 204 гости. Во позадина се девет кабини за симултан превод на два ката коишто се изведени во стилот на македонската куќа, објаснува Ивановска.
Стариот дел на Собранието односно петоаголниот габарит сега има приземје, сутерен, прв, втор и трет кат, а доградбата има еден кат повеќе, поради како што вели Ивановска, нестандардни висини во овој дел. Објектот на Собранието сега има четири лифта. Архитектаката на Собранието вели дека лифтовите се ставени бидејќи третиот кат од петоаголниот габарит е како петти во нормална зграда и затоа било оценето дека се потребни лифтови.
Според Ивановска нема многу отстапувања од првичниот проект за надградба, доградба, зајакнување и адаптирање на објектот на Собранието на Република Македонија, освен што се додадоа лифтовите.
Исто така како што истакна Ивановска направен е дополнителен мост којшто ја поврзува доградбата со другиот дел, како и мало отстапување во делот на зајакнувањето на објектот.
– Петоаголниот габарит е зајакнат со тоа што со проектот на ИЗИС се вметнати армирано бетонски елементи… каде столбови, каде жакети, платна… Ги празневме крило по крило сите пет крила на Собранието. Се работеа армирано бетонските елементи за зајакнување, се менуваше надворешната столарија, се стави комплетно нова столарија, значи нови прозори и ролетни, нови врати и промена на паркетот таму каде што имаше потреба, рече архитектот на Собранието.
Адаптирани се некои делови на објектот. – Долу во сутеренот каде што порано беа депоата, магацините, се направи Парламентарниот институт, теретана и други содржини. Во однос на надградбата над петоаголниот габарит комплетно се направи уште еден кат. Собранието беше од сутерен, приземје, прв и втор кат. Се направи третиот кат каде што има околу 70 канцеларии и шест сали за комисии. Доградбата е комплетно нов објект од темел до горе, сутерен, приземје и три ката. Бидејќи имаме стандардни височини на катовите имаме еден кат повеќе од петоаголникот. Приземјето и трите ката се канцеларии, а на најгорниот кат на самата доградба се надоврзува големата сала под големата купола, објаснува Ивановска.
На предната фасада на Собранието крајните сали се покриени со малите куполи.
– Во внатрешниот двор ќе се прави дополнителна атмосферска канализација да не дојде до собирање на води при поголеми дождови. Следува и уредување на целиот двор со гранитни плочи исти како што се тротоарите на Собранието. Со реконструкцијата на зградата и промената на прозорите и вратите се обнови и старата фасада така што објектот на Собранието веќе спаѓа во групата на енергетски ефикасни објекти, истакна архитектаката на Собранито Ивановска.
Надградбата, доградбата, зајакнувањето и адаптирањето на зградата на Собранието започна во април 2010 година. Надградбата, доградбата, зајакнувањето и адаптирањето на објектот на Собранието на Република Македонија е прв ваков зафат по неговата изградба во 1938 година, кога бил седиште на тогашната локална управа. Во изминатите години се правени делумни реновирања на дел од просториите на Собранието, а последен пат било направено зајакнување на објектот во 1964 година по катастрофалниот земјотрес во Скопје.