Во завршна фаза е реализацијата на проектот за регулација и уредување на речните корита на Козјачка Река во Општина Карбинци и на Шашка Река во буграската општина Струмјани. Претставници од двете општини денеска во Штип имаа средба, а проектот се реализира со средства од Програмата за Меѓугранична соработка Македонија-Бугарија и треба да го реши проблемот со поплавите во двете општини.
Градоначалникот на Општина Карбинци, Јордан Насев вели дека на Општина Карбинци во рамките на овој проект на располагање и се околу 180.000 евра, а има уредено 256 метри од коритот на Козјачка Река.
– Проектните активности се во завршна фаза, околу 95 проценти е завршен проектот, вели Насев.
Бугарската Општина Струмјани има завршено 70 отсто од проектните активности и во јули очекуваат да заврши комплетно овој проект.
Градоначалникот на Карбинци, Насев најави дека повторно двете општини ќе конкурираат заеднички за да го завршат канализирањето на реките, бидејќи само дел од речните корита на двете реки биле опфатени.
Вредноста на овој европски проект за двете општини изнесува 370.000 евра. Проектот почна пред две години и треба да заврши во октомври 2018 година.