Во Загреб објавен уште еден осврт кон „Дваесет и првиот“

Од:

ВПЕЧАТЛИВИОТ СТИЛ НА РОМАНОТ ОД ТОМИСЛАВ ОСМАНЛИ

Книжевната критичарка на хрватскиот портал за култура и уметност Ziher.hr ја објави својата препорака за читање на наградениот романот на Томислав Османли кој во Хрватската беше објавен пред три и пол месеци.

Вториот осврт во хрватските медиуми во кој, одново пофално, се проследува неодамнешната појава на македонскиот роман „Дваесет и првиот“ на хрватски јазик во издание на издавачката куќа „Сандорф“ од Загреб, денес се појави на порталот Ziher.hr со потпис на неговата критичарка и новинарка Теута Бутучи. По претходниот осврт кон романот на нашиот автор од перото на Јагна Погачник, една од најавторитетните совремни хрватски критичари и литературни арбитри, публикуван во угледниот загрепски „Јутарњи лист“ и тоа во очи на загрепскиот меѓународен сам на книгата „Интерлибер“, во новиот осврт објавен на исклучително фреквентниот портал посветен на медиумите, културата и уметноста, се јавува уште еден позитивен, овој пат млад критички одглас, во текстот насловен „Препорака – Книгата на фантазми за 21. век“.

Во својот текст критичарката на порталот „Зихер“ на почетокот истакнува дека „романот на Томислав Османли се занимава со македонското минато и современост, врз позадината на балканскиот идентитет и очекувањето на доаѓањето на новиот 21. век како време кое би го прекинало крвавото и депресивно минато на овие краишта“. Откривајќи ги подлабоките интенции на авторот на романот, но испишувајќи и редови кои го одразуваат стојалиштето на младиот човек во својата средина, хрватската критичарка ќе нагласи : „Но Времето…времето само по себе не исполнува желби, не ги лечи раните и не ги остварува сништата. Луѓето го прават тоа. На тој начин и ликовите во романот на Османли се во една тажно-шармантна `караница` со времето. Тие бегаат. Се обидуваат да ја сочуваат љубовта на далечина. Тие го победиле времето. Се одушевуваат од Америка. Се плашат од војната. Одново се потсетуваат на неа. Го градат новото сопство. Се губат. Се пронаоѓаат одново. Веруваат во иднината, па престауваат да веруваат. И тогаш одново се сеќаваат. На иднината. Зашто времето без човеко дејствување не прави ништо за човечката иднина.“

Откако ќе подсети на хрватскиот издавач и на преведувачот на романот Проф. Д-р Борислав Павловски, авторката на освртот накусо го претставува и нашиот автор и неговиот награден роман, а потоа односо се враќа кон содржините на „Дваесет и првиот“, заклучувајќи:

„…Стилот на Османли е она највпечатливото, зашто читањето на овој роман се претвора во гледање филм во киносалата со холограмски проектори. Повеќето различни фабули кои се испреплетуваат и нивните ликови кои, можеби немајќи директни допири едни со другите, мислат и чувствуваат нешто многу слично – тие ја чувствуваат иднината. Но не и она што е во неа. Не и она што е во неа. Не и она што таа е’. Само надежи и историја. Претпоставка на иднината. Само постоењето на иднината која се полни со желби, со ликови, со сништа, со смрти и со животи“, го заклучува својот текст и препораката за читање, авторката на критичкиот запис Теута Бутучи.

Својата фасцинација од книгата на македонскиот автор таа ја потврди и со интервју со нашиот автор, кое претходно го објави исто така во својот електронски медиум. Низ објавата на освртот на својата соработничка, текстот „Препорака – Книгата на фантазми за 21. век“ уредништвото на порталот Ziher.hr , го фокусира и на тој начин го издвојува македонскиот роман меѓу, инаку, големиот број книжевни објави што тековно се случуваат во Хрватска.

Би можело да ве интересира

„Ние, луѓето“-премиера

Kонцерт на Џез триото АУМ

Битолскиот театар гостува на фестивал во Врање

Доаѓа втората сезона на трилер серијата која се смета за најдобра досега

Тринаесет маратонци ќе трчаат од Нова Градишка до Крушево на 17. ултра маратон за Тоше Проески

Зубин Мехта: Патот на еден од највлијателните диригенти во светот