Собраниската Комисија за здравство на денешната осма седница констатира дека се прифатливи и може да се дадат на натамошно второ читање предлог-законите за изменување на Законот за комплементарна и алтернативна медицина и за изменување и дополнување на законите за заштита од јонизирачко зрачење и радијациона сигурност, за санитарната и здравствената инспекција и за лековите и медицинските средства, поднесени од пратеници од владејачкото мнозинство.
Еден од предлагачите, Јагода Шахпаска од СДСМ, рече дека целта на Предлог-законот за изменување на Законот за комплементарна и алтернативна медицина е да се овозможат реални и соодветни услови за директорите на јавна установа за комплементарна и алтернативна медицина и на Центарот за традиционална кинеска медицина во насока и врз основа на нивната законска надлежност.
– Психолошкиот тест е често користена алатка за проверка на психолошките карактеристики на кандидати за определени работни места, но проблем претставува фактот што во Република Македонија не постојат овластени правни лица кои располагаат со соодветен стручен кадар кои ќе развијат соодветни психолошки тестови за секоја различна работна позиција, вклучувајќи ги и избраните и именуваните лица. Предлог-законот за изменување на Законот за комплементарна и алтернативна медицина се заснова на истите начела на кои е заснован и Законот за комплементарна и алтернативна медицина, рече Шахпаска.
Во врска со измените и дополнувањата на Законот за заштита од јонизирачко зрачење и радијациона сигурност, таа посочи дека треба да се овозможи и АПТИС како меѓународен сертификат за познавање на странски јазик да биде доказ за познавање на странски јазик за именување директор на Дирекцијата за радијациона сигурност, бидејќи тој сертификат е признаен секаде, но е и најефтин и најдостапен сертификат за познавање на англиски јазик во Република Македонија.
Посочи дека се брише психолошкиот тест како услов за вработување на инспектор, а меѓународниот сертификат за работа со компјутери кој, како што рече, е премногу скап се заменува со познавање на работа со компјутери што може да се докаже и со потврди од домашни ИКТ компании.
– Предлог законот за изменување и дополнување на Законот за заштита од јонизирачко зрачење и радијациона сигурност се заснова на истите начела на кои е заснован и Законот за заштита од јонизирачко зрачење и радијациона сигурност, нагласи Шахпаска.
Осврнувајќи се на измените и дополнувањата на Законот за санитарната и здравствената инспекција, таа истакна дека целта е да се овозможи и АПТИС како меѓународен сертификат за познавање на странски јазик да биде доказ за познавање на странски јазик за именување на директор на инспекторатот, бидејќи тој сертификат е признаен секаде, но е и најефтин и најдостапен сертификат за познавање на англиски јазик во Република Македонија.
– Се брише и психолошкиот тест како услов за вработување на инспектор, а меѓународниот сертификат за работа со компјутери кој е премногу скап се заменува со познавање на работа со компјутери што може да се докаже и со потврди од домашни ИКТ компании. Предлог законот за изменување и дополнување на Законот за санитарната и здравствената инспекција се заснова на истите начела на кои е заснован и Законот за санитарната и здравствената инспекција, потенцира Шахпаска.
Во врска со измените и дополнувањата на Законот за лековите и медицинските средства, таа појасни дека ќе се овозможи воведување на АПТИС како меѓународен сертификат за познавање англиски јазик за именување директор на Агенцијата за лекови. Се предлага и укинување на психолошкиот тест од истите причини кои таа ги наведе претходно заради непостоење правен субјект во Република Македонија кој има стручни лица кои би изработувале соодветни психолошки тестови за секоја различна работна позиција вклучувајќи избрани именувани лица.
– Вториот дел од Законот се однесува на укинување на психолошкиот тест при вработување на инспекторот во Агенцијата за лекови како и укинување на меѓународниот сертификат за познавање на работа со компјутери, а како доказ за познавање на работа со компјутери е доволна потврда која ќе биде издадена од информатичко компјутерски компании на територијата на Република Македонија, рече Шахпаска.
Обврската за директорите кои ќе бидат именувани во периодот од носењето на Законот до 1 септември да приложат сертификат сертификат АПТИС за познавање на англиски јазик, посочи, е во периодот од моментот на нивното именување во рок од една година од именувањето, а во спротивно нивната функција ќе биде прекината. Додаде дека и овој закон, како и претходните не повлекува финансиски импликации врз Буџетот на Република Македонија.