Во вонредната состојба Очната клиника имала 370 повреди на око, директорот Дума апелира да се носат заштитни очила и при работа по дома

Од:

Универзитетската клиника за очни болести – Скопје и со намален обем на работа во вонредната состојба, изминативе два месеци, регистрирала вкупно 370 интервенции на око по повреди предизвикани при работа. Директорот на Клиниката Христијан Дума вели дека повредите зачестиле во периодот по прогласувањето на вонредната состојба кога граѓаните останаа дома. Најголем дел од повредите вели дека се механички повреди откако струганици, деланки или метал завршиле во очите на пациентите.

„Во овој период од офталмолошката патологија доминираат алергиски коњуктивитиси, инфекции и се прават неопходни контроли кај хроничните болести. Морам да назначам за големиот број на настанати повреди на окото и околината како последица на неносење на заштитна опрема при работа која е секаде и лесно достапна и по многу поволни цени. Во изминатите два месеци имавме вкупно 370 пациенти со повреди од надворешни тела кои настанале поради неносење на заштитни очила. За среќа сите се решени амбулантски, без големи последици, но сите можеле да се превенираат кога луѓето би носеле заштитни очила кои се секаде достапни и се пропишани со Закон за заштита при работа. Со носењето заштитни очила или заштитна маска во голема мерка би се намалил бројот на повредени пациенти во нашата земја“, изјави директорот Дума за „А1он“.

Од почетокот на вонредната состојба Клиниката за очни болести работи со режим на строга контрола и со редуциран обем на работа, поради природата на прегледот за кој е неопходно да се дојде во апсолутна близина на пациентот со што се зголемува ризикот за трансмисија. Директорот Дума вели дека Клиниката е адаптирана за работа по протоколите од Светската здравствена организација што значи целосна заштита на вработените и при прегледите и при операциите. Секој пациент пред да влезе во Клиниката пополнува епидемиолошки анкетен лист, му се мери телесна температура и мора да носи заштитна маска.

Секој пациент кој е одложен ќе биде повикан кај својот офталмолог за закажување на интервенција, најави директорот Христијан Дума

„Во овој период на Клиниката за очни болести се оперираат пациенти со патологија која е ограничена со временска рамка и секако хирургијата на траума на око која за жал не е во мал број. Додека елективната хирургија, која може да се планира, во периодов не се работи за да не се доведат во непотребен ризик како персоналот така и пациентите“, вели директорот Дума.

Во тек се подготовки на Клиниката за воспоставување на вообичаениот начин на работа. Директорот Дума вели дека доколку има потреба за да се завршат сите одложени прегледи и интервенции како и да се излезе во пресрет на тековните пациенти, можно е да организираат дополнителни смени.

„Распределувањето на пациентите ќе биде така што секој пациент кој е одложен ќе биде повикан кај својот офталмолог за закажување на интервенција и тоа ќе се прави преку системот мој термин. Сите пациенти ќе бидат класифицирани во групи на приоритет за операција и тоа ќе биде еден од клучните фактори за правење на распоредот по кој ќе бидат повикувани“, објасни директорот Дума.

Клиниката за Очни болести изминативе два месеци директорот Дума вели дека е активно вклучена во помош на Инфективната клиника. Пациентите заразени со коронавирус често имале и офталмолошка патологија како коњунктивитис или црвени очи и од голема важност било земањето на правилна епидемиолошка анкета за поставување на навремена и вистинска дијагноза и насочување на пациентите за понатамошно лекување.

Би можело да ве интересира

Научниците алармираат поради новата варијанта на Ковид-19

Горан Наумовски

Прва тужба во Германија поради последиците од вакцината против корона на Фајзер

Ана Ололовска

Кинески научник: Можно е пандемијата да започнала со истекување на вирусот од лабораторија

Ана Ололовска

СЗО прогласи крај на пандемијата на коронавирус

Ана Ололовска

Шефот на СЗО: Не можеме да знаеме како настанала короната додека Кина не ги објави своите податоци

Ана Ололовска

Се појавија нови информации за потеклото на короната: СЗО бара Кина да ги објави

Катерина Ѓуровски