Во изминатите 24 часа во ковид центрите во Скопје се хоспитализрани 23 нови пациенти поради компликации од корона вирусот. Вкупно 356 лица се лекуваат на инфективните оддели во главниот град.
Во последното деноноќие, на интерните клиники имало 5 приеми и тоа по еден пациент бил хоспитализиран на Клиниката за гастроентерохепатологија, на ОРЛ и на Институтот за ТБЦ. Двајца болни се примени на Клиниката за неврологија.
Во ковид центарот во ГОБ 8 Септември имало 13 нови приеми на пациенти. На Инфективната клиника во текот на вчерашниот ден се хоспитализирани пет болни. Во изминатите 24 часа дома се пуштени 15 оздравени пациенти.
Во изминатите 24 часа во ковид центрите во болниците низ земјава е пријавено дека се лекуваат вкупно 519 пациенти.
Вкупната бројка пациенти кои се лекуваат на инфективните оддели во главниот град и во болниците низ земјава е 875 и има околу 430 празни болнички кревети во ковид центрите.