Во долги редици граѓаните од рано утрово чекаат за ваучерите за инвертер клими. Ваучерите можат да се подигнат во салата „Борис Трајковски“ во Скопје, во салата „Боро Чурлевски“ во Битола, а во другите градови во просториите на Агенцијата за вработување.
Ваучерите на овие локации ќе може да се подигнуваат и утре, а до крајот на месецов може да се подигнат директно во Министерството за енергетика.
Министерката за енергетика Сања Божиновска денеска присустуваше на доделувањето на ваучерите во Скопје. Потенцираше дека Министерството не учествувало во одредувањето на добитниците на ваучерите и дека добиле готови списоци на добитниците и на фирмите од каде што ќе може да се подигнат климите. Обврска е рече таа, инвертер климите да бидат купени до крајот на ноември.
Појасни дека не можело ваучерите до граѓаните да се испраќаат преку пошта затоа што треба да бидат потпишани договори.
-Процесот со Пошта е малку подолг и тие договори треба да се вратат назад. Сметавме дека ова е покорисно и поефикасно. Секако рокот е до крајот на месецот, не мора да се зема цел работен ден. Во министерството ќе имаме повеќе луѓе. Овозможивме на 30 места низ Македонија да се делат ваучерите, не мора сите во Скопје да доаѓаат. Рокот е до 30 ноември за да се купат. Колку што знам, нема рок до кога треба да ги инсталираат. Најбитно е да се платат и да се искористат, рече Божиновска пред новинарите.Има 24 дена за да се подигнат 6100 ваучери. Сметам дека нема потреба да се чека толку во ред. Може да дојдат и кај нас во министерство. Не значи дека ако денес не го земат ваучерот, нема да се подигне, додаде министерката.
Вкупно 6 182 домаќинства ќе добијат ваучери. Преку Програмата за енергетска ефикасност во домаќинствата добитници на вредносен ваучер од 23 000 денари или 25 000 денари се 4 591 домаќинствo, а преку Програмата за заштита на ранливи потрошувачи на енергија добитници на вредносни ваучери во вредност до 30 000 денари се 1 591 домаќинство.