Во Прилеп се одржа традиционалната манифестација „Сите на велосипед“

Од:

Повеќе од 400 љубители на велосипедот денеска се вклучија во манифестацијата „Сите на велосипед“, која по повод 24 мај, Денот на сесловенските просветители Кирил и Методиј, по 13-ти пат се одржа во Прилеп. Манифестацијата е во организација на велосипедскиот клуб „Илинден“, Сојузот на училиштен спорт на Прилеп и Велосипедската федерација на Македонија, а под покровителство на Општина Прилеп.

Дел од учесниците во оваа манифестација беше и градоначалникот Илија Јованоски, кој ја нагласи важноста од возењето велосипед не само за натпреварувачки цели , туку и од рекреативен карактер.

„Возењето велосипед го зајакнува здравјето и духот посебно кај младите луѓе, со него побрзо ќе стигнете на крајната дестинација од било кое друго моторно возило, велосипедот е важен од еколошки аспект и секогаш е поевтино да се патува со велосипед. Во оваа прилика, уште еднаш сакам да го честитам денешниот празник 24 мај, Денот на сесловенските просветители Кирил и Методиј и да им го честитам именденот на сите што го слават“, изјави Јованоски, којшто е активен учесник во оваа рекреативна велосипедска тура.

Претседателот на велосипедскиот клуб „Илинден“, Драган Димитријоски, нагласи дека Прилеп е единствениот град во кој се одржува ваква манифестација, на која љубителите на велосипедизмот возат рекреативно од центарот на Прилеп, до спортскиот аеродром во с. Мало Коњари и назад.

„Традиционално, по 13-ти пат, манифестацијата ‘Сите на велосипед’ се одржува само кај нас, во Прилеп. Бројот на учесници е секогаш голем, сигурно има преку 400 велосипедисти. Благодарност до Општина Прилеп што и овој пат е покровител на оваа манифестација“, изјави Димитријоски на почетокот на ова рекреативно празнично дружење.

Би можело да ве интересира

Определен e притвор на шест лица за случајот со Прилепската болница

Побаран притвор за шестмина и мерки претпазливост за 15-тина кои се приведени за случајот со Прилепската болница

Денеска во Прилеп гласаат 298 болни и изнемоштени, 60 штитеници и 119 осуденици во прилепскиот затвор

ВМРО-ДПМНЕ: Продановски e вистинскиот избор за градоначалник во Општина Прилеп

Горан Наумовски

(ВИДЕО) Хаос во Прилеп: Две банди се пресметаа во дворот на болницата

Експресниот пат Прилеп-Градско е затворен за сообраќај