Локалните власти во Прилеп го продолжија работното време за да им излезат во пресрет на граѓаните да поднесат барања за легализација на дивоизградените објекти.
– За да им излеземе во пресрет на граѓаните, овие три последни дена ќе работиме со продолжено работно време. Денеска и утре до 20, а на 31 март до 24 часот, до полноќ. Во овој продолжен рок од декември се поднесени нови 2000, а овие денови очекуваме уште околу 500 нови барања за легализација, вели Илија Карески, раководител на одделението за урбанизам.
Тој информира дека од вкупно поднесените 15.365 барања, досега се издадени преку 8.000 решенија за легализација и општината е меѓу најуспешните во државава.
Од Министерството за транспорт и врски информираат дека од почетокот на примената на Законот за легализација во 2011 година досега во земјава се поднесени околу 350 илјади барања. Од нив 147 илјади се со решенија и се заведени во катастарот.