Во Прилеп отворен инфо кариерен центар за млади

Од:

Во зградата на матичното одделение во Прилеп денеска беа отворени просториите на новиот „Инфо кариерен центар“ насловен „Отворена врата- за млади од млади“.

Проектот го спроведува невладината организација „Коалиција СЕГА“, во соработка со Центарот за социјални работи и Агенцијата за вработување, а е финансиран од ИПА средства.

Според Зоран Илиески од „Коалиција СЕГА“ причините за отворањето на овој „Инфо кариерен центар“ е да се обезбеди место за обука на младите кои доаѓаат од ранливи категории семејства и за кои е неопходно да се обезбеди дополнителна обука за нивно натамошно кариерно насочување.

– Во кариерниот центар ќе се спроведуваат низа обуки во кои ќе бидат опфатени 28 млади на возраст од 18 до 29 години, од семјества, корисници на социјална помош. Ќе се изработи нивно кариерно портфолио за да се утврдат нивните знаења и вештини за да се насочат кон пазарот на трудот. Од вкупниот број обучувани млади, за 7 до 8 ќе обезбедиме прво практиканско искуство во бизнис секторот за да се адаптираат на пазарот и да ги стекнат основните практични вештини. Сакаме и да ги искористиме владините мерки, односно на Агенцијата за вработување, а се однесуваат на практиканството. Тоа значи, младите кои ќе тргнат со практиканството од еден месец, ќе се искористат мерките и уште три месеци да останат на истите работни позиции, рече Илиески.

Проектот ќе трае до септември годинава, а просториите се наменети за одржување на обуките кои ќе ги развијат вештините кај младите.

Снежана Јованоска, директор на Центарот за социјални работи вели дека активно ќе соработуваат со невладината организација.

– Соработката на Центарот за социјални работи на овој проект е околу селектирање на кандидатите, младите од семејствата корисници на социјална помош. Во центарот има околу 1.700 корисници на социјална парична помош, но оваа категорија млади не е толку голема. Стручните соработници во Центарот имаа задача да извршат селекција на оние кои имаат капацитети и сакаат да се стават на располагање на пазарот на трудот.

Според прилепскиот градоначалник Марјан Ристески ова е можност за младите да се обучат и да бидат конкурентни на пазарот на трудот.

– Со отворањето на овој „Инфо кариерен центар“ се отвора уште една можност за младите да си го најдат местото во работната средина. Да се дообучат, да бидат конкурентни на пазарот на трудот. Општината продолжува да поддржува вакви проекти наменети за младите. Ова е една од мерките и за намалување на невработеноста во Прилеп, вели Ристески.

Би можело да ве интересира

Во Прилеп се одржа „Прилеп фото фест“

Во Прилеп денеска е ден на жалост поради трагичната смрт на трите медицински лица

Катерина Ѓуровски

Двајца лекари и ренген-технчар се жртвите во тешката сообраќајна несреќа кај Прилеп

Четворица повредени во сообраќајка во Прилеп

Еден тешко повреден во судар на автомобил и мопед во Прилеп

Две деца од Прилеп здобиле изгореници откако пламнал пожар во нивната куќа

Горан Наумовски