Нова мобилна мерна станица за квалитет на воздухот на територијата на општина Бутел денеска е пуштена во употреба во рамки на проектот „ЕУ за ТЕБЕ!“.
На промоцијата присуствуваа министерот за животна средина и просторно планирање Садула Дураки, евроамбасадорот Самуел Жбогар, градоначалникот на Град Скопје Петре Шилегов и градоначалникот на општина Бутел Велимир Смилевски.
Дураки истакна дека пуштањето во употреба на мерната станица е голема придобивка за сите граѓани на земјава, и ќе овозможи да го чуваме добриот квалитет на воздухот, но и да се спроведат мерки онаму каде што ќе биде регистрирано дека квалитетот на амбиенталниот воздух е под вредностите.
– Оваа мобилна мерна станица, исто така ќе овозможи да се оформи база на историски податоци, а се во функција на здравјето на граѓаните. Со мониторирање на квалитетот на воздухот добиваме непроценливи алатки поради тоа е и огромната придобивка за сите граѓани, рече Дураки.
Евроамбасадорот Жбогар рече дека проблемот со загадувањето останува како еден од поголемите проблеми и оваа мобилна мерна станица претставува само дел од процесот на подобрување на квалитетот на воздухот.
– Загадувањето е непријател против кого е тешко да се борите. Од друга страна повеќето граѓани не се свесни дека загадувањето е присутно. Прв чекор за борба против загадувањето е зголемување на свесноста и токму затоа е оваа мобилна мерна станица со која граѓаните секој ден, во секој час ќе знаат колкаво е загадувањето во нивната општина, рече Жбогар.
Нагласи дека ова е дел од проектот за подобрување на животната средина на ЕУ вреден пет милиони евра.
– Нема волшебно решение да се реши проблемот со загадувањето, нема една институција што може да го реши, портебни се заеднички напори на Владата, Собранието сите државни институции, сите граѓани треба да се вложат во негово решавање, заклучи Жбогар.
Градоначалникот на Скопје Петре Шилегов изрази благодарност за поддршката на ЕУ и Министерството за животна средина и просторно планирање во делот кој се однесува за заштита на животната средина.
– Имајќи предвид дека прашањето за заштита на амбиенталниот воздух е актуелно подолг временски период, како предизвик за кој е неопходен еден системски и интегриран пристап ја потенцирам важноста од ставање во употреба на оваа мерна станица за квалитетот на воздухот. Свесни сме дека со отворање на станица не се решава загадување но таа има важност, затоа ќе ја следи состојбата на квалитетот на воздухот за нашите сограѓани во овој дел од градот, рече Шилегов.
Додаде дека индикаторите што ќе се добиваат ќе отворат можност за сите граѓани да имаат истовремена информација за вредности на воздухот што го дишат.
– Ние како градска власт, јас како градоначалник не се плашиме од реалноста бидејќи сме свесни и подготвени да се бориме со загаденоста и да се грижиме за здравјето на граѓаните. Нема да скриваме важни податоци кои се однесуваат на загаденоста на воздухот. Тоа е заедничка обврска на градската админстрација државните органи секој граѓанин поединечно, рече Шилегов.
Градоначалникот на Бутел рече дека во наредниот период општината на својата веб страница ќе ги ажурира сите податоци што ќе ги добива од мерната станица, и во наредниот период ќе преземаат обврски околу чистиот воздуих.
Мерната станица е дел од националната мрежа за автоматски мониторинг на квалитетот на воздухот.