Повеќе од 50 експерти од областа на заштитата на животната средина и државните инспекторати за заштита на природата од Македонија, Албанија и Косово, со предавачи и учесници од трите држави и од Австрија, Летонија, Црна Гора, Молдавија, учествуват на тридневната Прва субрегионална обука за спроведување на законодавството за води и заштита на природата во прекуграничен контекст што од денеска се одржува во Охрид.
Средбата организирана од страна на Регионалниот центар за животна средина како секретаријат на ТХЕМИС-мрежата под покровителство на Австриската развојна агенција, ја отвори министерот за животна средина и просторно планирање Нурхан Изаири, кој ја поздрави иницијативата што има за цел да ги прошири капацитетите на национално и регионално ниво за подобро и систематско спроведување на законодавството за заштита на природата во заштитените подрачја, засновано врз принципите и практиките на земјите од Европската унија.
– Македонија дел од своето природно богатство го дели со соседните држави и оттаму наша заедничка цел и обврска е обезбедувањето негова заштита, врз принцпите на одржлив развој. Охридското Езеро, НП „Галичица“ Прекуграничниот резерват „Преспа“ кои ќе бидат фокус на оваа работлница се водечки примери за природни богатства на кои им е потребна колективна и усогласена заштита од страна на надлежните национални органи. Но нивната заштита бара и соодветна платформа за намалување на притисоците што ги носи економските развој, истакна Изаири. Тој притоа ги посочи природните ресурси како можност за регионален развој, врз строго почитување на принципите на одржлив развој.
Изаири меѓу другото изрази благодарност до Летонија чии искуства во текот на оваа работилница ќе бидат презентирани како позитивни примери на подобрување на инспекцискиот надзор во насока на што подобра заштита на природата.
Австриската амбасадорка во Македонија, Ренате Коблер истакна дека проблемите со загадувањето на животната средина, климатските промени бараат прекунационална соработка и координација на институции од најразлични сектори.
– Програмите насочени кон правилно и одржливо менаџирање со еко-системите ни обезбедуваат доволно вода и храна, но и чист воздух и климатска стабилност. Примерите со поплавите од летото 2014 година што најмногу ги погодија Србија и Босна и Херцеговина, не потсетија дека недоволната грижа за поширокиот еко-систем може да има сериозни несакани последици. Кога се во прашање Македонија и Албанија сценаријата предвидуваат дека поради климатските промени двете дрѓжави можат да се соочат со сушни периоди и недеостиг на вода…Оттаму активностите насочени кон заштита на природата на регионално ниво има клучна улога во стабилизирањето на локалните временски услови, подобрувањето на хидролошката состојба…Мрежата ТХЕМИС е одличен пример за тоа како преку регионално поврзување да се остварат придобивки токму во таа насока, рече амбасадорката Коблер.
На тридневната обука во Охрид ќе бидат презентирани техниките за планирање и спроведување на циклусот за инспекција во заштитени природни подрачја, чија цел е да се одговори на барањата на легислативата на ЕУ од областа на заштитата на природата и животната средина конкретно одредбите од Директивите за птици и живеалишта, ЦИТЕС Директивата, регулативите на ЕУ за трговија со животни и растенија, како и легислативата за води.