При паркирањето на своите автомобили, граѓаните на Охрид деновиве се соочија со нова цена на паркингот. Од деновиве дел од јавниот паркинг простор во Охрид е со повисока цена. Во втората зона, каде што еден час за паркирање на автомобилите чинеше 20 денари, од пред неколку дена цената е покачена на 30 денари.
При покачувањето на цената на паркингот прескокнати се законските процедури. Имено, одлука за ценовник на паркинзите носи Управниот одбор на ЈП „Билјанини Извори“, па истата треба да ја достави до Советот на Општина Охрид и на крај, тој да ја донесе конечната одлука за нова цена на паркинзите. На седниците кои поминаа на Советот на Општина Охрид во изминатиов период се зборуваше и одлучуваше за јавното – приватно партнерство што општината треба да го спроведе за инсталација на новиот систем за наплата, но не и за новиот ценовник на паркинг просторите.
Од Одделението за односи со јавност при Општина Охрид не одговорија која е причината поради која е покачена цената за паркирање, ниту пак според која одлука е направено истото покачување.
И советниците велат дека таква одлука Советот на Општина Охрид не донел и дека ВМРО-ДПМНЕ и Локалната самоуправа манипулираат со парите и свеста на граѓаните.
„Она што како опозиција постојано го тврдевме и дрското лажење на ДПМНЕ за тоа дека паркинзите сами не можат да бидат корисни за јавното претпријатие, посегнаа по јавно – приватно партнерство, по нешто што постојано во претходните години го критикуваа. Покрај што ретерираа по тој став, продолжуваат и понатаму да манипулираат и со парите и со свеста на граѓаните. Кај опозицијата, но и кај мене како советник граѓаните реагираат дека настанала промена на цената на паркинзите односно на зголемување на цената на паркинзите што јас како советник тврдам дека не се случила на ниту една од седниците“, вели Дејан Блажески, советник на ЛДП во Советот на Општина Охрид.
Претседателот на Општинската организација на СДСМ, Томислав Тунтев кој во изминатиот период како дел од Советот на Општина Охрид критикуваше за вакви и слични работи, вели дека ова претставува срамно, недостојно и непримерно омаловажување и непочитување на Советот.
„Нас веќе ништо не може да не‘ изненади во поглед на практицирањето на власта од страна на партиските директори и раководни лица од ДПМНЕ во Охрид. Ставањето на личните и партиските интереси над законите што самите ги носат, односно селективната примена и непочитувањето на законските одредеби, станаа заштитен знак на оваа локална власт. Зголемувањето на цените на услугите во едно локално јавно претпријатие без одлука од општинскиот Советот претставува флагрантно кршење за законите на оваа држава. Но, истото се случи и минатата година, во очи на летната сезона, кога без одлука на Советот од страна на ЈП „Билјанини извори“ на граѓаните и на туристите им беа наплаќани повисоки цени за паркирање. Еве, сега гледаме дека таквата практика се повторува и годинава. Сегашниот директор на ова ЈП продолжува по стапките на неговиот претходник – цените за паркинг на возилата се покачени без валидна одлука на Советот на Општина Охрид. Тоа јасно и недвосмислено ги отсликува самоволието, самобендисаноста и незаконското работење на локалните власти. Од друга страна, ваквиот чин претставува срамно, недостојно и непримерно омаловажување и непочитување на Советот на Општина Охрид, односно на советниците, без оглед дали се работи за советничкото мнозинство од позицијата или за опозициската советничка група. Одговорните лица во локалната самоуправа и по 15 месеци практицирање на власта никако не можат да научат и да сфатат дека единствената нормативна власт во општината е Советот, а дека тие се само дел од извршната локална власт, чија законска обврска е доследно почитување и имплементација на одлуките што ги донесуваат советниците“, вели Тунтев.
Прескокнувањето на законските процедури можеби ќе бидат дел расправата на наредните седници што Советот треба да ги одржи, за што најверојатно опозицијата ќе побара да се стави на дневен ред.
Ф.Ј.