Во рамки на чествувањата по повод „Свети Климент Охридски“, патрониот празник на градот, денеска во Охрид беше откриена спомен-плоча на Михајло Пупин, донатор на камбанаријата и ѕвоното на црквата „Света Богородица Перивлепта“.
Историските податоци укажуваат на силна поврзаност на Пупин со овој крај, за што потврда е и фондот што тој лично го основал на почетокот на минатиот век, преку кој биле собрани значајни средства наменети за помош на сиромашни талентирани деца, изградба на женско училиште во Струга и познатото „Радничко“ училиште што сега е административна зграда на охридскиот „Завод и Музеј“.
Токму со средства од фондот на Пупин во Словенија е излиено 2,5 тони тешкото црковно ѕвоно наменето за црквата „Света Богородица Перивлепта“, најголемо на Балканот во тоа време. На 6 август 1923 година со голема свеченост ѕвоното било поставено во новоизградената црковна камбанарија.
Професорот Павле Митрески кој години наназад го истражува потеклото на семејството Пупин истакна дека Михајло Пупин е голем хуманист, почитувач на Македонија.
– Потврда на неговата силна поврзаност со овој крај Пупин ја искажува на Мировната конференција во Париз после Првата светска војна каде отворено се заложил за признавање автономен статус на Македонија, за што имал големи несогласувања со тогашниот претседател на Владата на Кралството СХС Никола Пашиќ, рече Митрески.
Стефан Ѓорѓевски Пупин со потекло од Вевчани рече дека оваа спомен-плоча останува како сведоштво за големината на неговиот предок, патоказ за идните поколенија за тоа како да се промовираат човештината и добрината, како да се почитува Православието и вербата во Бога.
На платото пред црквата „Света Богородица Перивплепта“ беше откриена и спомен-плоча посветена на дрвото „кочеџик“ посадено пред точно 130 години од страна на голем број верници од градот, меѓу кои и Григор Прличев. Прличев во таа пригода рекол дека дрвото ќе живее онолку години колку што добри луѓе биле присатни на чинот на засадувањето.
Во предворјето на црквата „Света Богородица Перивлепта“ беше отворена и изложба на стари фотографии од црковниот комплекс и градот од периодот меѓу 1920 и 1930 година.