Во Охрид денеска и утре се одржува Конференција на Извршниот комитет на Советот на европските полициски синдикати, асоцијација што опфаќа 22 синдикати од 21 европска држава во која членуваат повеќе од 350 илјади полициски службеници од континентот.
– Конференцијата ќе биде добра можност за размена на компаративни искуства, согледување на проблемите со кои се соочуваат полициските службеници во Европа, но и за градење стратегии за натамошно делување. На конференцијата ќе биде обработена и тема за корелацијата на професионализмот и личниот став на полицискиот службеник, истакна Тихомир Климоски, претседателот на Македонскиот полициски синдикат, домаќин на конференцијата.
Министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска која присуствуваше на свеченото отворање на собирот потсети дека Македонскиот полициски синдикат како една од најстарите синдикални организации во независна Македонија, 20 години е партнер на сите раководства на МВР, во насока на подобрување на условите за работа и подигнување на нивото на професионализам.
– Иако не секогаш разговорите со Синидкатот се пријатни или едноставни, сепак ние сме упатени едни на други и независно аголот на гледање на проблемите, делиме заедничка цел – професионална полиција и подобри услови за нашите вработени. Барем засега сме успевале да најдеме заеднички решенија кои пред се во интерес на вработените во МВР, истакна Јанкулоска.
По однос на конкретната тема за корелацијата на професионализмот и личниот став на полицискиот службеник, Јанкулоска нагласи дека хиерархиската поставеност во МВР во никој случај не значи дека се ограничуваат одредени права кои полициските службеници ги имаат како граѓани на Република Македонија, меѓутоа постојат законски и морални рамки, подвлече, во кои правата на поединецот, во смисла на правата на личноста и на неговиот личен избор, нема да дојдат во конфликт со она што е приоритет на државата во одреден момент и начин на постапување на полициските службеници.
– Оттаму сметам дека една конференција на која можат да се чујат искуствата на другите полициски служби, значајно ќе придонесе за подигнување на нивото на професионализам и на некој начин создавање услови во кои полицискиот службеник нема да има дилема за тоа како и дали треба да постапува, истакна министерката.
Таа потсети дека токму за таа цел неслучајно МВР заедно со Синдикатот носи годишна програма за обука на службениците, во кои се опфатени и теми за тоа како да се носат одлуки за кусо време, а што засегаат права на други лица или пак некогаш носат ризици по сопствениот живот.
– Значајно е полициските службеници да имаат можност за отворен дијалог, простор за искажување на сите дилеми и грижи, за да се изнајде заеднички одговор на сите прашања што во крајна линија ќе значи растоварување на службениците во моментите кога постапуваат, додаде Јанкулоска.
Инаку, паралелно со конференцијата во Охрид се одржуваат и 10-те Меѓународни полициски средби, а во текот на утрешниот ден ќе бидат одбележани два значајни јубилеи – 25 години од формирањето на Советот на европските полициски синдикати и дваесетгодишнина од основањето на Македонскиот полициски синдикат.