Стотина поранешни акцијаши, учесници на работни акции на просторите на поранешна Југославија во Охрид го формираа првиот акцијашки клуб во Македонија, „Брег на младоста“. Присутни беа и десеттина членови на активни клубови од Сараево, Белград и други градови од екс Југославија. Иницијаторите очекуваат идејата за враќање на акцијаштвото во Македонија да предизвика голем интерес кај младите.
„Овде гледам многу млади лица кои ќе ја започнат приказната за вечната младост. Во Охрид благодарение на неколкуте работни акции се изградија неколку капитални објекти како што се водоводот Метропол-Охрид, започна изградбата на амфитеатарот, најубавата делница на патот Охрид Ресен. Во Охрид преку работните акции голем број младу луѓе се изградија во вистински личности. Се надевам дека пламенот на акцијаштвото од Охрид ќе го распалиме во цела Македонија“, рече Зоран Стевоски, претседател на клубот „Брег на младоста“.
„Идејата, за почеток, е да се организира меѓународен акцијашки камп на потегот од населбата Воска до Андон Дуков. Затоа ги повикувам локалната и државната власт да размислат да покренат иницијатива за изградба на една таква наслеба во која младите од цела Европа ќе се дружат и ќе се натпреваруваат со идеи и со работа“, додаде Стевоски.
Целта на акцијашкиот клуб ќе биде промовирање на волонтеризмот, ангажирање за добробит на заедницата, собирање на младите и нивно вклучување во различни проекти, учество на домашни и меѓунаеродни волонтерски кампови, организирање на еколошки и друг вид работни акции. Во рамките на здружението ќе функционира и суд на честа кој ќе одлучува за постапките на одредени поединци.
Присутен беше и еден од малкуте живи учесници на втората по ред работна акција во некогашната СФРЈ, 86-годишниот Васко Паскали, кој во 1947. година учествувал во изградбата на железничката пруга Сараево – Шамац. Инаку во поранешните ју републики функционираат веќе неколку години клубови на акцијаши.Тие велат дека здружувањето и организирањето во такви клубови оди тешко поради влијанието на политиката и политичарите кои сакаат да имаат влијание во сите пори од општествениот живот.
Во Белград три години по ред во месец октомври се собираат поранешни акцијаши. Во Кикинда петти пат по ред исто така се собираат акцијаши од сите краеви на поранешна Југославија, а минатата година во Врњачка Бања била организирана првата посериозна работна акција налик на поранешните, на која учествувале 5 бригади од Србија, Босна и Македонија кои таму биле присутни еден месец.
Мики Трајковски