Писмо на мајка од Охрид до синот студент

Од:

Уште една акција за донирање за студентите кои прогласија Автономна зона на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ ќе се одржи во Охрид.

Денеска, од 16 до 17 часот, пред Универзитетот „Св. Апостол Павле“ во Охрид ќе се донира зеленчук, млечни производи, леб, кафе, вода итн., средства кои им се потребни на студентите кои ги окупираа факултетите на државните универзитети.

Акцијата ја организираат мајки на студенти кои ги охрабруваат своите деца и сите студенти да истраат во нивната борба за автономија на универзитетите. Во прилог на денешната акција, една од мајките испрати писмо кое интегрално ви го пренесуваме:

ЧЕДО МОЕ, ГОРДОСТ МОЈА!

Денес, мајка, ти спремам пакет.

Содржината внатре,  ја знаеш однапред, ништо поразлична од друг пат. Имаш малку пари,  некоја тегла со ајвар, тегла слатко, некоја кифла и нешто овошје. Да ти се најде нешто да каснеш, да не бидеш гладно пиле мое .

Додека го спремам пакетов милион мисли ме измачуваат, мозокот ми го притискаат, мира не ми даваат. Но за чудо едно и покрај сета таа конфузија во главава  се чувствувам гордо, достоинствено.

А знаеш ли зошто душо????

Затоа што те имам  тебе! Горда сум на тебе душо моја!

Чуден е овој живот. Ми навираат спомени и ме обвиткуваат како мека прекривка ,  и наеднаш околу срцето ми е убаво, топло.  Убави, меки, нежни спомени. Те држам за твоето мало раче. Ги  правиш првите  чекори. Цврсто ме стискаш . Се плашиш да не те пуштам, да не паднеш. И проодуваш. Почнуваш да чекориш сам, од ден на ден се посигурен во одот свој. Те учам како се преминува улица, ти го покажувам патот од дома до училиште, те учам како да се вардиш од лоши луѓе, тебе ти е нејасно кои се тие , но сепак знаеш дека некаде ги има. Уште од тогаш те научив дека треба да разликуваш ДОБРО  од ЗЛО, ПРАВДИНА  треба да делиш со УМ  и РАЗУМ ,   СИЛА  да не употребуваш кон оној кој е послаб од тебе. И те пораснав, те научив и те воспитав онака како што мислев дека е најдобро.

Наоружан со љубовта  што ја прими од  сите нас во семејството,со знаењето што го стекна во училиштето, со спомените од топлиот дом во кој порасна, замина на факултет.  Е , тогаш душо моја , ти ја пуштив раката и те оставив  сам да чекориш по патеките на лавиринтот кој се нарекува живот. Ти реков дека секогаш сум тука за тебе, затоа што јас сум твојата мајка.

Чуден вител те пресретна на патот твој.  Вител силен, голем, брз, кој за миг сакаше да ми те потисне на дното, да ми ти избрише се што ти кажав, да ми те слее во него самиот. Но , ти чедо мое, гордост моја , не се предаваш.  Се бориш со вителот и еве излегуваш на површина. Веќе си ми бајаги истоштен, физички изморен но ,  духовно си се уште силен. И не само тоа што ти се бориш со вителот туку ми го покажуваш патот и мене , а и  на другите околу мене. Оној вистинскиот пат од кој многумина скршнавме, единствениот кој води кон излез од лавиринтот. Е , токму затоа сум ГОРДА НА ТЕБЕ ЧЕДО МОЕ. Ти си мојот спас, надеж и иднина. Чедо мое, сега ти си оној кој ја држи мојата рака, кој ме води понатаму. Ти верувам душо –  дека твојот пат е исправен , те следам и по тебе идам бидејќи ти си мојата иднина . И кој и да сака да се послужи со твојата добрина , само нека повели . Кој и да сака да ја искористи твојата искреност , само нека земе  . Кој и да се обиде да ги изгужва твоите емоции како стара хартија , само нека се послужи . Никој од нив нема да стане подобар ,  затоа што душата е само твоја   , а нејзе не може да ти ја земе никој . И се додека ја имаш ќе останеш човек .

На крај на писмово моли те мајка !

Не излегувај надвор со водена коса! Ќе настинеш.

Облечи дебела јакна! Ладно е!

Положи го и овој испит и биди ми здрав и жив  !

Прими поздрав чедо  од твојата мајка.“ – стои во писмото кое мајката го упатува до нејзиниот син студент како и до сите останати студенти.

Ф.Ј.

Би можело да ве интересира

Од Македонија годишно заминуваат околу 2500 високообразувани кадри

Катерина Ѓуровски

Мицкоски најави ваучери за таблети за сите студенти во вредност од 250 евра

Министерството за образование нема да го плати долгот од осум милиони евра за студентски превоз без судска одлука

Катерина Ѓуровски

Бостонската полиција уапси 100 студенти на протестите против војната во Газа

Студентски бунт во Америка, 100 академици уапсени во Колумбија

Студентското собрание го презентираше Студентскиот манифест – неопходно е општествените чинители да се запознаат со итноста од преземање на мерки