Во манастирот „Св.Јоаким Осоговски“ одбележани 50 години автокефалност на МПЦ-ОА

Од:

Со служeње света божествена архиерејска литургија во манастирот „Св.Јоаким Осоговски“ во Крива Паланка вчера беа одбележани 50 години од автокефалноста на Македонската православна црква-Охриска архиепископија.

Со литургијата чиноначалствуваше архиепископот охридски и македонски г.г. Стефан, во сослужение на високопреосвештените митрополити Кумановско-осоговски г.Јосиф, Преспанско-пелагониски г. Петар, Повардарски г. Агатангел, Европски г. Пимен, Брегалнички г. Иларион, Тетовско-гостиварски г. Јосиф и Епископот Хераклејски г. Климент, како и на свештеници и свештеномонаси од епархиите при МПЦ-ОА.

Teтовско-гостиварскиот митрополит г. Јосиф одржа беседа во која преку евангелските стихови од Матеевото евангелие се обиде, како што рече, да го отслика непокорот на светата Македонска православна црква – Охридска архиепископија.

– Ова е историја на едно тажно и истовремено радосно патување од дамнина, па сѐ до денес. Токму таа историја е причината што се собравме од сите страни на нашата земја, под падините на Осоговските планини, во Сарандапорскиот манастир, посветен на светиот пустиножителен отец наш Јоаким Осоговски. Денес од Крива Паланка сведочиме дека нашето историско страдање е како Голготското страдање – извор на нашата неизмерна радост, истакна митрополит г. Јосиф.

– Во овој величествен ден, по 250 години од неканонското укинување на Охридската архиепископија, уште еднаш, оваа година си спомнуваме за големиот јубилеј „50 години од возобновувањето на Охридската архиепископија – како Македонска православна црква“, си спомнуваме и се сеќаваме на 17 јули, во македонскиот Ерусалим – Охрид, далечната 1967 година, кога Бог ги вдахновил и ги умудрил членовите на Светиот архиерејски синод, кои го свикале Третиот македонски црковно – народен собор, рече митрополитот г.Јосиф.

Посочи дека на соборот била донесена следнава историска одлука: „Досегашната автономна Македонска православна црква се прогласува за самостојна автокефална Македонска православна црква Охридска архиепископија во лицето на Македонската православна црква,

Чинот на прогласувањето бил извршен на Светата архиерејска литургија, на 19 јули 1967 година, во храмот „Свети Климент Охридски“ во Охрид, точно на 200 години по неканонското укинување на славната Охридска архиепископија.

Тој додаде дека со ваквиот чин била исправена големата и тешка неправда, која ѝ беше нанесена на нашата Црква.

На литургијата беа присутни голем број верници од сите краеви на татковината, а дел од нив се причестија со светите Христови тајни.

Би можело да ве интересира

Нов портпарол на Синодот ќе биде епископот Хераклејски г. Климент

Браќата Мијалкови добија орден од МПЦ

Г.г Стефан и српскиот патријарх Порфириј во посета на Нишката епархија

Богородичната икона Троеручица денеска пристигнува во Скопје

Во петок литија низ Скопје со икона на Богородица трирачица, подарок од Хиландар за МПЦ

Предраг Петровиќ

МПЦ-ОА повика на масновност на изборите