Во Мaкедонија годинава, заклучно со септември, се опожарени 16.698 хектари шума и 102.010 метри кубни дрвна маса. Вкупната штета е проценета на 181,5 милиони денари, а за гаснењето на пожарите се потрошени 8,5 милиони денари.
– Се очекува површините зафатени со пожар до крајот на 2012 да достигнат 20.000 хектари што е помалку во однос на критичните години. Сепак, поради сушата, интензитетот беше голем, однесе и човечки жртви. Во 2000 беа опожарени 37.000 хектари, а во 2007 околу 30.000, вели Војо Гоговски, државен советник за шумарство во Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.
Според него, кај нас се уште нема методологија која би овозможила добивање унифицирани податоци за штетите зашто подружниците даваат различни вредности зависно од структурата на насадите, деградирана шума, борова стара 100 години или некој друг тип.
– Кај нас доминираат дабот и буката. Дабот има дебела кора и при т.н. приземен пожар е отпорен, повторно се регенерира. Но, буката, која има многу тенка кора, веќе третата година се уништува. Кај борот, пак, при комбиниран пожар, кога поради смолата во иглиците доаѓа до експлозивно горење и на крошните, стеблото може да остане неоштетено и да се искористи за огрев. За техничка употреба нема да биде добро, објаснува Гоговски.
Доколку пожарот продолжи подолг период, во шумите останува само изгорена дрвна маса која е практично неупотреблива и претставува потенцијално жариште на болести и штетници. Затоа, по пожарите, мора да се врши санирање на површините, сечење и отстранување на изгорената дрвна маса. Потоа почвата се обработува и одново се пошумува.
Иако глобите се максимално зголемени, за правни лица од 15.000 до 30.000 евра и за физички од 1.500 до 4.000 евра, бесправната сеча или т.н. зелена мафија се уште постои и претставува проблем. – Настојувавме преку различни мерки да ги задоволиме потребите на месното население за да се намали бесправната сеча, но, за жал, зелената мафија се уште функционира, вели државниот советник.
Најчесто, и покрај пресудата за причинетата штета, се изрекуваат казни согласно Кривичниот закон и Законот за прекршоци кои прошишуваат многу пониски глоби од дефинираните во Законот за шуми.
Во Македонија има 1,1 милион хектари шума и шумско земјиште од кои 960.000 хектари се шума. Стопанисувањето со шумското земјиште е планско, преку дефинираните 190 шумско-стопански единици. Тоа, меѓу другото, ги одредува критериумите за пошумување на голините кои се дел од вкупното шумско земјиште. Точно се знае во кој период, со која динамика, со колку садници по хектар,… се пошумува.
Со Денот на дрвото не се третираат овие голини, туку се оди на ерозивни земјишта, пасишта и други површини кои не припаѓаат на шумите и шумското земјиште. За сите досегашни акции, чие спроведување почна во 2008 година, процентот на прифатеност е преку 60 отсто што е повеќе од европскиот просек со исклучок на лани кога беше многу сушно.
– Пошумувањето е комплексен процес. Четири до пет години по засадувањето дрвца, се врши пополнување, заменување на неприфатената садница со нова. Притоа е пожелно нивно полевање, прашење, низа активности за кои е задолжено претпријатието „Македонски шуми“, истакнува државниот советник Војо Гоговски.