Кандидатот за градоначалник на СДСМ од Куманово, Мартин Костовски и кандидатите за советници вечера пред кумановци во зградата на поранешен „Комитет“ ја презентираа програмата со која настапуваат на локалните избори. Реални, остварливи проекти за Куманово, за секое маало и улица најавија кандидатите.
Пред присутните поддршката ја побара и потпретседателката на СДСМ, Фани Каранфилова Пановска која повика граѓаните да му дадат доверба на Костовски, за човек кој ќе работи за Куманово.
– Заедно, да ја донесеме промената во Куманово, таа што ја заслужуваат граѓаните. Промената започнува со човекот кој има визија и искуство, којшто е чесен и работлив. Костовски е најдобриот избор за Куманово, знае да ги реши проблеми, секогаш бил меѓу луѓето, а не во канцеларија. Промената во Куманово е неопходна. Максим Димитриевски го претвори Куманово во касаба, рече меѓудругото, Каранфилова Пановска.
Таа ги повика граѓаните да му дадат поддршка на Костовски, посочувајќи дека „Димитриевски и ЗНАМ ги изневериле граѓаните, а во Владата даваат легитимитет на погубните политики на ВМРО ДПМНЕ“. Заменик претседателката на СДСМ ги повика и бившите сопартијци од ЗНАМ, да се вратат како што рече, дома а ги повика и неопределените да му дадат поддршка на Костовски и на советничката листа.
Во Куманово, Костовски вети изградба на одморалиште за ученици, изградба на четири градинки, изградба на административно деловен центар со подземна гаража, изградба на олимписки базен со аквапарк преку јавно-приватно партнерство, реконструкција на градски стадион и градски пазар, семеен парк во Проевце, на Спомен костурницата, прифатилиште и стационар за бездомни кучиња, носење на ГУП и ширење на градот. Повеќе проекти за ранливи категории, за пензионери, за животна средина, меѓу нив чистење депонии, зелен план, откупен центар за земјоделци, изградба на нови пешачки зони, урбано Куманово …
– Ние социјалдемократите не ги заборавиме луѓето, не ветуваме чуда, туку нудиме реални промени. Нашата програма не е листа на ветувања, туку обврска. Ќе изградиме зелени површини затоа што воздухот и просторот не се луксуз., квалитетни улици, со проодни тротоари, ќе вложуваме во локалниот економски развој, затоа што младите заслужуваат шанса тука, не да се пакуваат, рече меѓу другото Костовски.
Носителот на листата, Томица Илиќ кажа дека мора да се промени сегашноста, да направат дом од општината, без депонии, со чист воздух, со слободни тротоари, општина без сообраќаен хаос, уредени паркинг простори со нови катни гаражи, современ јавен превоз, нови плански населби …