Бројни делегации предводени од Сојузот на броците, градоначалникот и Советот на Куманово, АРМ, СВР Куманово, политички партии, јавни установи и институции денеска положија цвеќе на Спомен Костурницата во Куманово во рамки на одбележувањето на 9 мај Денот на победа врз фашизмот и Денот на Европа.
Пред кумановци се обрати градоначалникот на општина Куманово, Зоран Дамјановски кој истакна дека денеска се одбележуваат два значајни настани кои имаат заедничка симболика бидејќи, додаде, борбата против фашизмот беше борба за слобода и просперитет на народите.
-Нашата историја ни остави вечен идеал-заедништво и слога меѓу сите народи. Најдобар пример за тоа е терористичкиот акт кој се случи пред две години на денешен ден, а кој не успеа да направи раздор и судир меѓу граѓаните на Куманово од различна национална припадност. Убеден сум дека ваквиот однос граѓаните ќе го негуваат и во иднина, рече Дамјановски.
Тој во пригодното обраќање истакна дека денеска се одбележува и формирањето на ЕУ, при што додаде дека Макеоднија треба забрзано да чекори кон таа цел за подобра иднина, но дека тоа бара развој на принципи на демократија кои се темелат на владеење на правото, економски раст, слобода на говор и човекови права и слободи.
-Нашиот отпизмизам извира од истрајноста и херојството на претходните генерации.Наместо оружје, нашето средство за напредок денеска е знаењето, демократијата, борбата за правна држава, подобра економија, стандард….Целта на сето тоа е интегрирање во развиениот свет каде ја гледаме нашата поубава иднина, рече Дамјановски.
По завршување на говорот, ученици од гимназијата читаа стихови од Анте Поповски.
Во изјава за медиумите за настаните во Куманово Дамјановски рече дека во наредниот период ќе има правна разрешница за немилуиот настан во кој погинаа припадници на полицијата Рече дека овие настани оставија црна дамка во историјата на Македонија и Куманово.Што се однесува до поставување на спомен одбележје, Дамјановски рече дека имаат соработка со семејствата на загинатите, со невладини организации, како од воениот конфликт од 2001, така и од настаните од 9 и 10 мај 2015. Потенцираше дека имаат во предвид неколку локации како што е предвидениот парк пред базенот и нагласи дека таму има место за поставување на спомен одбележја, по донесување на одлука на Советот на општината. Во однос на соживотот, рече дека отсекогаш како градоначалник се залагал за градење на добри меѓуетнички односи, граѓанско општетство и дека никогаш не се направил обид за поделба на градот по етничка основа и дека тоа се успеало и во 2015.
Одговарајќи на новинарско прашање зошто нема преставници на чествувањето на Спомен Костурницата на албанските политички партии, рече дека отсекогаш имал чуство дека почитувањето на придобивките од НОБ не биле на приоритетната листа на нивните агенди и ги повика да градат демократско општество во кое ќе се почитуваат сите придобивки и национални и значајни датуми за Македонија, за европската и светската историја.