Во чест на роденденот на македонската и балканската музичка ѕвезда Тоше Проески, Здружението „Коледари-почитувачи на традицијата“ од Куманово денеска во населбата Карпош ја организираше 10 крводарителска акција. Крв даруваа околу 40 членови на Здружението и кумановци.
Акцијата, како што информира членот на здружението „Коледари“ Дарко Доневски има за цел да ја поттикне хуманоста кај кумановци и кај членовите на здружението и да му оддаде чест на Тоше Проески.
Доктор Ефтим Димитровски од Институтот за трансфузиона медицина -Скопје изјави дека оваа акција прераснала во традиција и се спроведува веќе 10. година. Тој додаде дека има залихи од сите крвни групи и оти редовно се организираат акции во целата држава.
– Секоја година бројот на крводарителите се зголемува и се надеваме дека ќе имаме се повеќе крводарители кои првпат ќе даруваат, ќе помагаат на луѓето и се надеваме на позитивна соработка со сите здрави луѓе од Македонија, изјави Димитровски.
Минатата година на подрачјето на Куманово, според податоците на општинската организација на Црвениот крст во Куманово, во 39 крводарителски акции собрани се 2.763 крвни единици.