Видео снимки од безбедносните камери во Собранието на Република Македонија и камерите од присутните медиуми во прес центарот од настаните од 27 април минатата година, се прикажуваа денеска во Кривичниот суд во Скопје, на судењето за нападот врз пратеникот Зијадин Села, во кое на обвинителната клупа се наоѓаат десет лица.
Се прикажуваа две снимки од собраниските камери за случувањата во предпросторот меѓу прес-центарот и бифето во Собранието, каде се гледаат повеќе лица од обезбедувањето, луѓе со фантомки на глава, како и моментот кога толпата влегува во прес центарот. Во продолжение на судењето се пуштаа и снимки направени од медиумите во прес-центарот и се евидентираше присуството на обвинетите во прес-салата.
Присуството на обвинетите во Собранието не беше спорно за никого, но обвинителство и адвокатите од одбраната отворено имаа различни гледања за нивните акции и движења на видеата. Тоа што за обвинителството го гледаше како напад врз пратениците, одбраната го толкуваше како акција за нивна одбрана.
На снимките од просторот пред прес-центарот можеше да се види моментот кога се изнесува телото на оштетениот Зијадин Села, но претходно некој ја поместува камерата и се губи добар дел од аголот на гледање. По неколку прегледи, беше констатирано дека, иако со ограничен агол, се гледа како лица носат тело. Делот од главата го носи сега обвинетиот Александар Јаневски, а за нозете го носи сведокот Антонио Кочков.
Обвинителството посочи дека на снимката се гледа и како обвинетиот Коста Делов удира, на што по неколку прегледувања судот заклучи дека се гледа како Делов прави одредено движење со десната нога, но дека не се гледа дали и како удира.
Внатре во прес центарот, во кадрите од снимките од медиумите, можеше да се види оштетениот Зијадин Села како се наоѓа во последниот ред од пратениците собрани во еден од ќошовите во прес-салата. Околу него има пратеници, но и луѓе од толпата.
Идентификувани беа повеќе пратеници, обвинети и општетениот Зијадин Села. Во дел од кадрите, покрај Влатко Ѓорчев кој ги штитеше пратениците од СДСМ може да се види и еден од обвинетите Александар Јаневски Тошта свртен со грб кон пратениците.
Досега се гледаа снимките на две цедиња, а остануваат да се гледаат уште снимките од уште неколку цедиња.
За обидот за убиство на Зијадин Села на 27 април минатата година обвинети се Кире и Цеко Ѓорѓиевски, Оливер Ошавковски, Саша Сенков, Николче Димитриевски, Александар Јаневски – Тошта, Андреј Мицов, Никола Војминовски, Коста Делов и Стојан Павловски – Кобра. Обвинетите за обид за убиство на пратеникот Зијадин Села на претходите рочишта се изјаснија за невини.