Во Крива Паланка почна да се спроведува проект со кој ќе се изврши реконструкција на дел од водоводната мрежа со замена на постоечките азбестно-цементни цевки со полиетиленски.
Станува збор за заеднички проект на Владата на РМ и Европската инвестициска банка, дел од Програмата за изградба и реконструкција на локалната водоводна мрежа во општината.
Од локалната самоуправа на Крива Паланка информираат дека веќе е спроведена јавна набавка за избор на изведувач на градежните работи и доколку сите процедури околу потпишување на договорот со изведувачот се завршат во наредниот период, се очекува со почетокот на градежната сезона да отпочнат и градежните работи на терен.
Вредноста на овој проект според проектната документација беше околу 14.500.000 денари без ДДВ, но со јавната набавка постигната е нешто пониска цена, велат од општината.
Се планира да да се изврши реконструкција на дел од водоводната мрежа со замена на постоечките азбест-цементни цевки во водоводната мрежа на Крива Паланка на повеќе улици во централниот дел од градот со вкупна должина од 2.844 метри на делови и краци од улиците „Моша Пијаде“, „Партизанска“, „Херој Карпош“, „8 Октомври“, „11 Октомври“ и „Борис Кидрич“.
Проектот ќе се реализира во наредните 12 месеци.