Поради намалениот број на пациенти, од денеска се затвораат сите ковид центри на Интерните клиники и во Комплексот Мајка Тереза, ковид позитивни пациенти ќе примаат само во Институтот за ТБЦ и Клиниката за инфективни болести, соопшти Министерството за здравство.
Во изминатите 24 часа во ковид центрите во Скопје се хоспитализирани осум нови пациенти поради компликации од коронавирусот. Вкупно 142 лица сомнителни и потврдени за Ковид-19 се лекуваат на инфективните одделенија во главниот град.
Во последното деноноќие, како што соопшти Министерството, на Интерните клиники имало два приеми. Во ковид центарот во ГОБ 8 Септември имало двајца примени пациенти и четворица биле примени на Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби во текот на вчерашниот ден.
Во изминатите 24 часа дома се пуштени 22 оздравени пациенти. Во ковид центрите на Интерните клиники се лекуваат 25 пациенти.
Во ГОБ 8 Септември има вкупно 49 болни, а на Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби лежат 67 пациенти.
Вкупно 142 пациенти потврдени и сомнителни за Ковид-19 се лекуваат на инфективните одделенија во болниците во главниот град. Голем дел од пациентите, како што посочуваат од Министерството, се на кислородна поддршка.
– Бројот на приеми во изминативе денови се намалува и утрово до 8 часот имало 150 слободни места, а се очекува во тек на денот по направените исписи на оздравените пациенти да се ослободат и дополнителни места, наведуваат од МЗ и посочуваат дека сите инфективни одделенија имаат довод на кислород и можат да згрижат пациенти кои имаат потреба од кислородна поддршка.