Во Кочани започна проектот мобилен сервис за грижа во домашни услови

Од:

Кочани е првата општина во Македонија во која од денеска започна да се реализира проектот мобилен сервис за грижа во домашни услови, со кој на жителите од руралните подрачја треба да им се овозможи подобра здравствена и социјална заштита.

Носители на проектот, што се разработуваше неколку месеци, се министерствата за здравство и за труд и социјална политика, партнер е локалната самоуправа на Кочани, а финансиската поддршка е на УНДП.

– За првпат кај нас се имплементира еден европски модел на здравствена услуга што жителите од руралните места во регионот ќе ја добиваат во нивните домови. Ќе бидат опфатени сите пациенти со хронични болести, кардиоваскуларни болести, дијабет, мајките со мали деца, постарите лица кои се потешко подвижни, а медицинските сестри имаа посебен тренинг за давање здравствени услуги во домашни услови, рече министерот за здравство, Венко Филипче.

За почеток со проектот ќе бидат опфатени жителите од поодалечените населби во Кочани и од приградската населба Оризари, а потоа и од соседните рурални општини Зрновци и Чешиново-Облешево.

– Македонија досега немаше заеднички сервиси за грижа за здравствени и социјални ризици кои никогаш не се исклучуваат еден со друг, а со овој сервис покажуваме дека ако заеднички и мултисекторски им пристпауваме на проблемите, граѓаните ќе бидат позадоволни од услугите. Конечно, целта е да добиеме национална програма за здравствено-социјални услуги, за да можат граѓаните полесно да ги остваруваат своите права, истакна министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска.

Претставничката на УНДП, Луиза Винтон на промоцијата на проектот истакна дека била постигната одлична партнерска поврзаност со двете ресорни министерства, а мобилниот сервис во домашни услови е задолжителна услуга за здравствениот и социјалниот систем во иднина.

Со проектот во Кочани се вклучени четири медицински сестри, двајца социјални работници и еден координатор.

– Нашата општина има две важни придобивки со овој проект, а тоа е што граѓаните од оддалечените рурални населби ќе нема потреба да патуваат до болницата во Кочани, а истовремено добиваме и работен ангажман за седум лица кои ќе примаат бруто плата од 20.500 денари месечно, а со стекнатото искуство подоцна полесно ќе можат да најдат трајно вработување, истакна градоначалникот на Кочани, Николчо Илијев.

Информации за лицата на кои им е потребна помош ќе се добиваат од матичните лекари и од медицинските лица во Општата болница во Кочани, по што мобилните екипи веднаш ќе излегуваат на терен.

Освен во Кочани, проектот ќе се реализира и во општините Битола и Ресен.

Би можело да ве интересира

Жителите на Кочани ја добија битката: Советот донесе одлука да не се депонира отпад од други општини на градската депонија

Катерина Ѓуровски

Комунални возила од други општини не ја поминаа блокадата кон депонијата кај Кочани

Левица: Крмов бара проблемот со загадувањето во Кочани да се најде пред пратениците

Мртва жена со повреди била донесена во болница

Маж од Кочани истепал дете, а нападнал и полицаец

Насилство во Кочани: Тројца мажи оштетиле возило, а еден од нив нападнал жена