Општина Кисела Вода и Амбасадата на Руската Федерација во Македонија по десетти пат го чествуваа ликот и делото на големиот руски и светски поет Александар Сергеевич Пушкин.
На свеченоста која се одржа во паркот Пушкин делегации од Општина Кисела Вода и Амбасадата на Руската федерација во Македонија, предводени од Александар Алексовски, секретар на општината и Михаил Лушин, аташе за култура, образование, наука и спорт во Амбасадата положија свежо цвеќе пред бистата на Пушкин.
На манифестацијата „Пушкинови денови“ се слушнаа повеќе музички изведби, се читаше руска поезија. На сцената настапија Рускиот вокален анасамбал „Чајка“, КУД „Славјанка“, Асоцијацијата по изчување на рускиот јазик „Озарение“, ученици од гимназијата Гоце Делчев од Куманово, победници на натпреварот за руска песна во Софија, а поезија на руски јазик читаа студенти на катедрата за славистика од Филолошки факултет „Блаже Конески“.
За крај, на оваа културна манифестација се избраа и 3 најдобри литературни и 3 ликовни творби.
За најдобри ликовни творби дипломи им беа доделни на Константин Стојановски, Гала Спиридонова и Марија Богојоска, а за најдобри литературни на Емељ Чико, Ведрана Петрова и Филип Клисаровски. Имено, Општина Кисела Вода пред почетокот на манифестацијата „Пушкинови денови“ објави ликовен и литературен конкурс на тема „Ликот и делото на Александар Сергеевич Пушкин “ на кој учениците од VI – IX одделение од сите основни училишта имаа можност да се пријават. Воедно, благодарници од Општина Кисела Вода добија и културните работници кои во изминатите години во континуитет учествуваа во чествувањето на ликот и делото на големиот руски и светски поет. Дипломите и благодарниците ги доделија Александар Алексовски секретар на Општина Кисела Вода и Михаил Лушин, аташе за култура, образование, наука и спорт. Благодарница од Амбасадата на Руската федерација во Македонија беше доделена и за градоначалникот на Општина Кисела Вода Филип Темелковски.