„Се расчистуваат улиците низ Oпштина Кисела Вода од снежните наноси. Од вчера, од 18 часот, работниците на фирмата “Анизор”, ангажирана од страна на општина Кисела Вода, заедно со сезонските работници, беа излезени на терен во текот на ноќта, а нивните активности продолжија и од 4 часот утринава и ќе траат во текот на целиот денешен ден. Градоначалникот Филип Темелковски, синоќа беше на терен на повеќе локации каде беше потребна засилена интервенција заради справувањето со снежните наноси. Со помош на камиони, со механизација за расчистување на снегот, беа фрлени околу 20 тони сол.
Интензивно се работи на расчистување на просторот околу градиниките и основните училишта, се интервенира и на автобуските постојки. Секторот за месна самоуправа, преку своите канцеларии во месните и урбаните заедници е во директна комуникација со жителите на овие делови од Општината и реагира на нивните пријави, согласно со условите на теренот. Кризниот штаб на Општина Кисела Вода е во постојана координација и со службите на ЈП “Улици и патишта” кои ги расчистуваат главните улици.
Општина Кисела Вода апелира до сите жители на оваа територија да го расчистат снегот пред своите дворови и влезовите на станбените згради и со тоа да овозможат проодност и непречен пристап до објектите. Потсетува и на законската обврска на деловните субјекти и сопствениците на јавни објекти за расчистувањето на снегот пред влезот на истите. Воедно, истите се замолуваат исчистениот снег да не го фрлаат на улиците и со тоа да ја отежнуваат работата на нашите служби“ соопштуваат од општина Кисела Вода.