Во Здравствен дом Кавадарци и кавадаречката Општа болница денеска беше одбележан Светскиот ден на здравјето. Директорот на болницата Орцо Ангеловски информира дека кампањата по повод Светскиот ден на здравјето 2017 година е посветена на депресијата.
– Депресијата влијае на луѓето од сите возрасти, од сите сфери на животот и во сите земји. Таа предизвикува ментална болка што влијае врз способноста на луѓето да ги извршуваат дури и наједноставните секојдневни задачи. Понекогаш со катастрофални последици за односите со семејството и пријателите. И способноста да се заработи за живот. Во најлош случај депресијата може да доведе и до самоубиство. А сега е втора водечка причина за смрт кај 15 до 29 годишна возраст, соопшти Ангеловски.
Сепак, нагласи тој, депресијата може да се спречи и да се третира. А подоброто разбирање на она што е депресија и како таа може да се спречи и да се третира, додаде, ќе помогне да се намали стигмата поврзана со оваа состојба и да дојде до повеќе луѓе кои бараат помош.
– Без разлика дали се работи за Влада, невладина организација или медиум, без разлика дали е некој доктор, учител, новинар, блогер, родител, или едноставно, секој кој има слушнато за кампањата би требало да се вклучи во неа, нагласи Ангеловски.
Додаде дека во сите земји се повеќе луѓе се со депресија и бараат да добијат помош.
– Целта е јавноста подобро да се информира за депресијата, нејзините причини и последици вклучувајќи и самоубиство и каква помош има или може да биде на располагање за превенција и третман. Лицата со депресија да бараат помош, а и семејството, пријателите и колегите на луѓето кои живеат со депресија да се овозможи да добијат поддршка, соопшти Ангеловски.
Во изјава за медиумите тој се осврна и на тоа што е всушност депресија.
– Депресијата е болест која се карактеризира со постојана тага и губење на интерест за активности кои вообичаено постојат. Заедно со неспособност за извршување на секојдневните активности за најмалку две недели. Покрај тоа луѓето со депресија обично имаат повеќе од следниве сиптоми: губење на енергија, промена во апетитот, спијат повеќе или помалку, анксиозност, намалена концентрација, неодлучност, немир, чувства на безвредност, вина или безнадежност и мисли за самоповредување или самоубиство, информираше директорот на болницата.
Соопшти дека во основата на кампањата е важноста да се зборува за депресијата како витална компонента на закрепнувањето, а ја спомена и стигмата за менталните болести, вклучувајќи ја и депресијата, која понатаму е бариера за луѓето кои бараат помош во целиот свет.
– Разговорот за депресијата без разлика дали со некој роднина, пријател, или лице со медицинска професија, во образованието, работното место и социјалната средина, во медиумите, блоговите или социјалните медиуми, помага да се прекине оваа стигма и во крајна линија доведува до тоа повеќе луѓе да побараат помош. Слоганот на кампањата е „Депресија, ајде да зборуваме“, истакнува Ангеловски.
Депресијата, како што додава, може да влијае на секого. – Значи оваа кампања е за секого без оглед на возраста, полот или општествената положба. Во светската здравствена организација избрано е да се посвети посебно внимание на три групи кои се несразмерно погодени: адолесцентите и младите, жените на возраст на раѓање, особено по породувањето, како и постарите возрасни лица над 60 години, рече Ангеловски.
Директорот на здравствениот дом Никола Трендафилов информираше за набавеното ново амбулантно возило. Со него, рече, дополнително се зголеми капацитетот на итната медицинска помош при ЈЗУ здравствен дом Кавадарци, за навремено да делува и интервенира при повиците на бројот 194 за итна медицинска помош и при вршењето на други услуги, транспорти до општата болница.
Трендафилов упати благодарност до донаторот Митко Јанчев, сопственик на кавадаречката компанија „Кожувчанка”, како за досегашните, така и за најновата донација на апарат за здравствениот дом.