Во јули во Охрид ќе се одржи Преспа Форум Дијалог

Од:

Во пресрет на претстојниот Преспа Форум Дијалог што ќе се одржи на први и втори јули годинава во Охрид, денеска Министерството за надворешни работи организираше воведен настан на којшто шефот на дипломатијата Бујар Османи најави подготовка на документ за политики препораки за креаторите на политики.

Документот, како што кажа, ќе го изготви професор Флоријан Бибер, професор по историја и политика на Југоисточна Европа, Универзитет во Грац и координатор на Советодавната група за јавна политика – Балканот во Европа, кој виртуелно присуствуваше на настанот.

-Во основа на Преспа Форум Дијалог е суштината на трите наши договори во кои Северна Македонија се препознава како уникатен пример во поширокиот регион. Тоа се Охридскиот рамковен договор, Договорот за пријателство со Бугарија, како и Договорот за стратешко партнерство со Грција познат како Преспански договор, рече Османи, според кого овие договори уживаат силен внатрешен и меѓународен легитимитет и се широко прифатени.

Во нив се препознаваат силни политички принципи и вредности кои имаат универзално значење, а тоа се пред се, храбрите политички чекори во изградба на долгорочни и стабилни компромиси.

Целта на Панелот, како што соопшти МНР, е да покрене различни прашања за разгледување на претстојната Конференција за тоа како да се создаде позитивен дијалог во и меѓу земјите и нивните општества, како да се постигне напредок во справувањето со актуелните тешки прашања, како да се создадат регионални наративи, кои може да придонесат кон јакнење на регионалната соработка и јакнење на стабилноста и безбедноста, како да се надмине застојот во процесот на проширување на ЕУ, справување со предизвиците предизвикани од пандемијата на КОВИД-19.

Панелот, исто така, ќе послужи како платформа за прибирање на идеи и предлози, кои ќе бидат преставени во заеднички Регионален политички документ, со препораки за политиките во однос на политичкото, економско и социјално влијание на регионалните и билатерални спогодби во Западниот Балкан.

Османи најави дека јулската конференција е под покровителство на премиерот и Владата на РСМ и дека на неа ќе присуствуваат голем број гости.

-Очекуваме размена на мислење, идеи, како и плодни заклучоци кои ќе стават печат на само на земјава туку и на целиот регион. Сметам дека тоа е важен придонес на нашата земја во промоција на европската идеја или повеќе на важноста од примена на европските вредности на Балканот. Тоа претставува дел од една суштинска и стратешка политика за европеизација на регионот која сметам дека во еден поширок контекст соодветствува и со европската конференција за иднината на Европа. Во оваа политички динамично време и алтернативни сценарија на Балканот, кога од различни страни пристигнуваат како различни пејпери и нон-пејпери, сметам дека создадовме автентична наша платформа која испраќа силен и прецизен одговор за тоа каде му е местото на регионот и како до таму. Преспа форумот за дијалог е токму тоа, истакна Османи.

На настанот свои мислења разменија професорот Бибер, професорот Јанис Армаколас, виш научен соработник, ЕЛИАМЕП, Атина и соработник за Програмата за иднината на Европа, Институт за хумани науки, Виена, Весела Чернева, Заменик директор на ЕЦФР и раководител на канцеларијата во Софија, Европски совет за надворешни односи, Софија и Едвард П. Џозеф, Виш соработник и придружен предавач на Универзитетот „Џон Хопкинс“, Институтот за надворешна политика на САИС.

Би можело да ве интересира

Засега нема македонски државјани што побарале помош или евакуација од Либан

Бугарското МНР за знамињата на средбата меѓу Сиљановска Давкова и Радев: Посетата не беше официјална

На бугарскиот амбасадор Желјаско Радов му била укажано за отстапувањето од договорениот протокол

Предраг Петровиќ

Демаршот на бугарскиот амбасадор ќе биде врачен од директорот на Директоратот одговорен за регионот, а не од министерот Муцунски

Македонската амбасадорка во Софија повикана во бугарското МНР поради изјавите на вицепремиерот Николоски

Косовско МНР: Недостоинствен однос кон Османи на скопскиот аеродром