Во Финска три потписи, во Македонија 2003 за независни листи: Невладините реагираат на измените на Изборниот законик

Од:

Без консултации и јавна расправа, по скратена постапка и спротивно на препораките на ОБСЕ/ОДИХР, најголемите политички партии донесоа дополнителни скриени измени на Изборниот законик со што практично ги исфрлија од игра независните кандидати и ги спречија да учествуваат на сите следни избори на локално и на национално ниво.

Невладините организации велат дека измените поднесени од пратеници на ВМРО – ДПМНЕ, СДСМ и ДУИ и со премолчана поддршка од сите останати, го зголемуваат прагот на потребните потписи за учество на изборите, од досегашните 1.000 потписи, на 1% отсто од запишаните избирачи.

Ваква измена истиот овој парламентарен состав се обиде да спроведе и пред локалните избори во 2021 година со цел отстранување на голем дел од новите независни кандидати, но обидот беше блокиран од голем број на амандмани. За потсетување, на локалните избори 2021 година независни кандидати добија место во дури 33 општини или 41% од сите општини во Македонија и Градот Скопје, се вели во соопштението на групата на независни активисти.

„Преведено во бројки на национално ниво ако ја земеме за пример Изборната единица (ИЕ) 1, наместо досега потребните 1.000 потписи, со усвоените измени на независните ќе им требаат 3.372 потписа за да поднесат независна листа.

Според бројките на запишани избирачи, за ИЕ 2 на независните ќе им бидат потребни 2.408 потписи, за ИЕ 3 – 3.005, за ИЕ 4 – 2.945, за ИЕ 5 – 3.395 и за ИЕ 6 – 2.486 потписи. Просекот на граѓани кои излегле на гласање на последните парламентарни избори во 2020 г. во ниту една ИЕ не надминува 60% од гласачите на избирачкиот список. За споредба, во ИЕ 1 се запишани 337.214 гласачи, од кои гласале 169.773 или 50%.

Овие измени ги истиснуваат независните и од учество на локалните избори идната година. За независна листа на кандидати за членови на совет, односно листа на кандидат за градоначалник на Град Скопје, ќе бидат потребни 4,674 потписи.
На последните локални избори во 2021 година, во град Скопје запишани избирачи биле 467.373, од кои гласале 229.531. Ако ги земеме изборните резултати каде што еден советник од независната листа бил избран со 4.611 гласа, произлегува дека повеќе потписи ќе бидат потребни за учество отколку за добиено советничко место на избори. За независна листа на кандидати за членови на совет, односно листа на кандидат за градоначалник на Град Скопје, ќе бидат потребни 4.674 потписи.

Уште еден илустративен пример за дискриминаторската политика кон независните е фактот што за регистрација на политичка партија се потребни 1.000 потписи. Таа одредба не е променета“, соопштија организациите.

За споредба со земјите во ЕУ, во Австрија и Белгија имаат барање од 200-500 потписи, зависно од регионот; во Британија се потребни 10 потписи, во Финска 10 потписи или три и пет во помали општини, во Германија 200 потписи, Ирска 15 потписи за општини и 60 за парламентарни избори, во Грција 12 потписи, а во Естонија и Франција нема барања за потписи.

Како група на независни активисти и членови на совети низ Македонија, тие бараат веднаш да се отстранат апсурдните услови за собирање потписи на независните кандидати на избори, и да се постави услов од најмногу 50 собрани потписи за независни кандидати, се дозволи собирање потписи на терен и надвор од канцелариите на ДИК, се зголеми периодот на собирање потписи на 30 дена, се дозволи името на советничките независни листи да биде во целост наведено на избирачкото ливче и да се дозволи пристап и на независните до избирачкиот список.

Иницијативата е на невладините организации Независни За Карпош – За Заштита На Карпош – Скопје, Зелен Хуман Град – Скопје, Шанса за Центар – Центар – Скопје, Подобро за Тетово – Më mirë për Tetovën – Тетово, Понаку – Битола, Зелените Од Гази Баба – Скопје, СТИГА Е – Струмица, СТИГА Е – Фронт против рудникот и загадувачите на животната средина – Босилово, Ново Село.

Би можело да ве интересира

Советници во општина Велес од свој џеб купиле стакло за масата за венчавки во матичното

Орце Костов

СДСМ и ДУИ уште лани разговарале за предизборна коалиција, договор уште нема

Рекламирањето на партиите за избори да не биде веќе на товар на државата предлага работната група за измени на Изборниот законик

Мицкоски: Подготвени сме да ги прифатиме датумите кои ќе ги понуди владата на ДУИ и СДСМ за прв круг претседателски и вториот заедно со парламентарни избори

Предраг Петровиќ

Трајанов: Итно да се усвојат измените на Изборниот законик за една изборна единица

Стејт Департмент: Корупцијата има потенцијал да ги поткопа стратешките амбиции на Северна Македонија