Добрите одлуки и политики се оние кои даваат конкретни резултати, а граѓаните тоа го препознаваат. Водени од идејата за решавање на проблемите кои се посочуваат, преземавме конкретни чекори и го имплементиравме системот кој на долг рок го решава прашањето поврзано со чистотата во сите населени места.
Со примената на новиот концепт за одржување на хигиената во Аеродром, во само еден ден беа искосени и исчистени површини од над 20.000 квадратни метри. Активностите кои се преземаат ги даваат првичните резултати, што се забележува по косените тревници и подигнатото ниво на хигиена на јавните простори. Службите ангажирани од општината и понатаму остануваат на терен, се до целосно одговарање на потребите и предизвиците со кои се соочуваат граѓаните.
Аеродром е општина со најголем број на зелени површини, а одржувањето на хигиената и уредувањето на истите бара сериозни напори и функционален систем. Токму од таа причина, благодарни сме на граѓаните за трпението и за поддршката во примената и прифаќањето на овој концепт кој дава резултати, а долгорочно ќе се погрижи проблемите со хигиената во Аеродром да бидат минато.