Во Дебар заврши гласањето во вториот круг од локалните избори каде во трката за градоначаник се Хекуран Дука од ДУИ, поддржан од СДСМ со коалицијата и Беким Поцеста од Алијансата за Албанците/Алтернатива, поддржан од ВМРО-ДПМНЕ.
Според Општинската изборна комисија до 18:30 часот, правото на глас го оствариле 8.534 граѓани или 44,46 отсто од вкупно запишаните 19.211.
Кандидатот за градоначалник Дука го оствари правото на глас на гласачкото место 0537 во општинското основно училиште „Саит Најдени“.
– На најдемократски начин го избираме патот на напредокот, ЕУ, САД, НАТО. Дебар со ДУИ е во најсигурни раце. Со масовната поддршка што ќе ни ја дадат граѓаните, продолжуваме со успешните проекти за доброто на општината и на неговите граѓани, напиша попладнево Дука на „Фејсбук“.
Кандидатот Поцеста го оствари правото на глас на гласачкото место 0544/1 во општинското основно училиште „Пенестија“.
-Судбината на нашиот град денес е во рацете на секој негов граѓанин. Дајте ја вашата одлука масовно. Да покажеме одлучност, одговорност и достоинство. Ништо не е поважно од слободната волја изразена преку гласање. Денес се решава иднината, денес доаѓа промената. Смиреност и разумност. Дебар пред сè, напиша Поцеста на „Фејсбук“ по гласањето.
Во првиот изборен круг и повтореното гласање во едно гласачко место, од вкупно запишаните гласачи, правото го остварија околу 42 отсто, а блага предност, според добиените гласови, имаше Поцеста.
И двајцата по професија се лекари. Дука е специјалист уролог, вработен во Општата болница со проширена дејност во Дебар. Тој во изминатите две и пол години беше градоначалник на Дебар, кога ја доби довербата од граѓаните на вонредните избори, по смртта на тогашниот градоначалник Ружди Љата. Поцеста е специјалист кардиолог, вработен во Клиниката за кардиологија во Скопје, каде во еден период беше и директор.
Во првиот круг беа избрани новите советници во 15 – члениот совет. Шест обезбеди ДУИ, пет Алијансата за Албанците/Алтернатива, а по две советнички места имаат СДСМ и ВМРО ДПМНЕ.