Во Меѓуопштинскиот центар за социјална работа во Дебар, кој со својата активност ја покрива и општина Центар Жупа, доставени се 80 барања за остварување право на условен паричен надоместок за средно образование.
Рокот за аплицирање за оваа мерка кој беше 30 септември, продолжен е до 19 октомври, па се очекува бројот да биде поголем.
– Условниот паричен надоместок е мерка за помош на семејствата кои што се наоѓаат во социјален ризик, односно материјален надоместок за семејства кои што имаат ученици кои редовно посетуваат настава во средно образование. Во просек годишно имаме од 130 до 140 корисници на ова право, од кои околу 20 отсто се од општина Центар Жупа. До сега имаме помал број поднесени барања или вкупно 80, но поради продолжениот рок очекуваме бројот да се зголеми, изјави Крешник Пачуку, директор на Меѓуопштински центар за социјална работа во Дебар.
Паричниот надоместок за учениците во средно образование, корисници на мерката, додава тој, се исплаќа во три мерни периоди или квартално.
– Станува збор за надоместок од 1.000 денари на месечно ниво кој што се исплаќа квартално, во секој квартал по 3.000 денари или вкупно 12.000 денари на годишно ниво. Основниот услов е да се редовно корисници и првпат да се запишани во годината во која што се школуваат, дообјаснува Пачуку.
Според него Програмата “Условен паричен надоместок за средно образование” има за цел да го подобри пристапот и квалитетот на образованието, да го зголеми бројот на ученици запишани во средното образование од домаќинства корисници на социјална парична помош, како и да го поттикне реализирањето на задолжителното средно образование во Република Македонија.
Инаку, апликантот треба да обезбеди потврда дека ученикот е запишан во средно училиште и копија од трансакциска сметка од банка издадена на име на примателот на условениот паричен надоместок.