Право на социјална парична помош преку Меѓуопштинскиот центар за социјална работа во Дебар, кој со својата активност ја покрива и општина Центар Жупа, остваруваат 644 корисници, со околу 1.800 членови на нивните домаќинства.
– Станува збор за невработени лица, кои редовно се пријавуваат во Агенцијата за вработување. Од вкупната бројка над 85 отсто се од општина Дебар. Споредено со пред неколку години бројот на корисници на ова право е помал за околу 100 семејства. Тоа поради фактот што дел од нив се вработиле или заминале на работа во странство, вели Крешник Пачуку, директор на Центарот.
Што се однесува до другите права од социјалната заштита, како што нагласува директорт Пачуку, 115 лица остваруваат право на постојана парична помош, 370 лица право на помош и нега од друго лице, додека 10 лица остваруваат право по основ на цивилна инвалиднина од војната.
Центарот редовно исплатува и еднократна парична помош која во просек месечно ја добиваат по дваесеттина лица, додека субвенција за потрошена електрична енергија добиваат по околу 500 семејства.