В четврток ќе се гласа за доверба на Владата, неизвесно дали е обезбедено потребното мнозинство

Од:

Претседателот на Собранието, Талат Џафери за четврток ја закажа седницата на која треба да се гласа доверба на Владата, откако вчера до него ваква иницијатива со потписи од 61 пратеник поднесоа ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, АА и Алтератива, Беса и Левица. Потоа, според партиски информации, Џафери го повикал премиерот Зоран Заев на средба во Собранието, а таму беше и лидерот на ДУИ Али Ахмети. Според досегашните информации, сепак, неизвесно е колкумина пратеници ќе гласаат за недоверба на Владата на Заев в четврток.

Од СДСМ за МИА синоќа потврдија дека Џафери го повикал Заев лично да го информира за поднесената иницијатива за гласање доверба на Владата и за следните деловнички чекори.

Откако беше поднесена иницијативата Кабинетот на претседателот на Собранието информираше дека е доставено Барање за гласање за доверба на Владата.

-Претседателот на Собранието, Талат Џафери, согласно член 215 став 2 од Деловникот на Собранието на Република Северна Македонија, ќе ја свика седницата за поставеното барање за гласање доверба на Влада, а седницата ќе се одржи на третиот ден од денот на поставување на прашањето за доверба на Владата, односно во четврток, на 11 ноември 2021, во 11.00 часот. Според член 215 став 3 од Деловникот на Собранието, рокот за свикување седница почнува да тече наредниот ден од денот на поставувањето на прашањето за доверба на Владата, наведува Кабинетот на Претседателот на Собранието.

Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ Александар Николоски претходно на прес-конференција ја најави иницијативата и кажа дека е потпишана од 61 пратеник, но оти исто така дека тие интензивно разговараат и со други пратеници.

-Доколку во моментов треба да се гласа доверба на Владата очекувам да има 61 плус односно во тек се интензивни преговори и со уште неколку пратеници во македонското Собрание и очекувам дека иницијативата за недоверба на Владата ќе ја потпишат повеќе од 61 пратеник, рече Николоски.

Во однос на формирање нова Влада или евентуални нови брзи избори, потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ рече дека тоа е нешто што ќе се разговара после четврток.

-Треба да седнеме со нашите партнери и да видиме кои се нашите програмски определби на сите што сакаат да се формира политичка влада или за брзи избори, рече Николоски.

Посочувајќи делови од образложението за гласање доверба, тој рече дека „Владата предводена од СДСМ и ДУИ не донесе значајни резултати во претходните пет години, туку напротив владее со измами и пазарења на сметка на најважните прашања на народот“.

По поднесувањето на иницијативата на Фејсбук се огласи и премиерот Заев.

– За пуста желба за власт биле спремни државата да ја носат низбрдо, а народот да страда. Овие денови сведочиме загрозување на Договорот од Преспа, на Договорот за добрососедство со Бугарија, на Охридскиот рамковен договор, на заедничкото едно и еднакво општество, на мирот на граѓаните внатре и на добрите односи со соседите, напиша Заев.

Реакција имаше и од неговата матична партија СДСМ од каде посочија дека деновите пред нас ќе покажат дали лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ имаат доволно пратеници за изгласување недовреба за Владата или не.

-СДСМ продолжува да разговара и да иницира соработка со сите прогресивни и демократски сили, со цел да ја обезбедиме стабилната иднина на нашата држава и целиот наш народ. Заедно, демократските, проевропски партии нема да дозволиме само заради пуста желба за власт, Мицкоски, Апасиев и Груевски државата да ја носат низбрдо, а народот да страда, посочија од СДСМ.

Ново мнозинство во Собранието во петокот најави лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, по средбата со првите луѓе и претставници на АА и Алтератива, Беса и Левица, по што тоа беше потврдено и од нив.

Според досегашните информации, сепак, неизвесно е колкумина пратеници ќе гласаат за недоверба на Владата на Заев во четврток откако еден од народните избраници на Алтернатива Скендер Реџепи Зејд изјави дека ако Левица остане на списокот за паѓање на Владата, тој нема да бидам дел од него, ниту ќе го поддржи гласањето. Дополнително, синоќа координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски потврди дека тој и пратеничката Ангелинка Петкова се во изолација, но се очекува во четврток да дојдат во Собрание на седницата по поднесената Иницијативата за изгласување недоверба на Владата согласно Протоколот што беше донесен од Комисијата за заразни болести и беше применет во Собранието во април годинава.

Во врска со изјавата на пратеникот Скендер Реџепи Зејд на Фејсбук се огласи и лидерот на Левица и пратеник Димитар Апасиев кој смета дека пратениците на Алијанса на Албанците, Алтернатива и Беса имаат, како што напиша, историска шанса да ја стават ДУИ во опозиција.

– Ако пратениците на Алијанса, Алтернатива и Беса не ја искористат историската шанса во четврток да го стават ДУИ во опозиција, тогаш на наредни избори (кога и да бидат) ќе бидат прегазени токму од ДУИ како шлепер жаба и никогаш нема да се повратат, напиша Апасиев на Фејсбук. Тој додаде дека ДУИ, од позиција на власт, ќе освои 18 пратеници, а тие – максимум девет.

Претседателот на Алијанса за Албанците Зијадин Села коментирајќи ја изјавата на пратеникот на Алтернатива, Скендер Реџепи – Зејд изјави дека тоа не е причина да се констатира дека новото парламентарно мнозинство е пропаднато.

Синоќа состанок одржа и Централното раководство на Алтернатива откако Реџепи изјави дека нема да биде дел од списокот за паѓање на Владата ниту ќе го поддржи гласањето в четврток доколку на списокот останат и пратениците на Левица.

Портпаролот на Алтернатива Орхан Муртезани изјави дека дебатите траат и во овој момент, рече, немаат никаква одлука, но дека нивните пратеници ќе бидат единствени каква и таа да биде.

– Со оглед на тоа дека имаме време до четврток, дискусиите во партијата ќе продолжат и утре и најдоцна до среда ќе имаме конкретен став како ќе настапат нашите пратеници. Меѓутоа, едно сигурно можам да кажам – каква било одлука и да имаме тоа ќе се почитува од сите пратеници од Алтернатива, рече Муртезани.

Покрај Скендер Реџепи, пратеници од Алтенатива се и лидерот на партијата Африм Гаши, Сафије Садики-Шаини и Хусни Исмаили.

Во изјава за медиумите претседателот на Либерално – демократската партија Горан Милевски рече дека потписи на ЛДП нема, а нема ни да има на списокот за постигнување на ново парламентарно мнозинство, составено од ВМРО-ДПМНЕ, Алтернатива, Алијанса за Албанците, Левица и Беса.

– Потписи на ЛДП нема на списокот, нема ни да ги има. Јас не можам да коменирам за се што се зборува, рече Милевски.

Од друга страна, пак, пратеникот Мартин Костовски од СДСМ покрена иницијатива за Заев сепак да остане на чело на партијата. Дека оставката на премиерот Заев е избрзана и донесена во емотивен момент, сметаат многумина негови сопартијци, партнери од коалицијата, но и високи политичари од меѓународната заедница. Повеќето се на став дека на државата и претстојат значајни реформи, кои се изводливи единствено со стабилни институции. Тие го повикуваат Заев да донесе мудра одлука со цел државата да не западне и во политичка криза, од која последици би трпело целото општество. Посочуваат меѓу другото дека е период кога државата се уште се справува со ковид пандемијата, како на здравствен, така и на економски план, додека дополнително се заканува и енергетска криза. Потсетуваат и дека претстои решавање на недоразбирањата со Бугарија, кои би го откочиле евроинтегративниот процес на земјата преку отпочнување на пристапните преговори.

Според нив, политичките опоненти го нудат, како што велат, токму спротивното, бидејќи приврзаниците на Христијан Мицкоски продолжуваат да го негираат Преспанскиот договор, Договорот за добрососедство, Охридскиот рамковен договор, но и ги поткопуваат меѓуетничките тензии на домашен план.

За во Собранието да се изгласа одлуката за изгласување недоверба на Владата потребно е мнозинство гласови од вкупниот број пратеници. Ако на Владата и е изгласана недоверба, Владата е должна да поднесе оставка, предвидува Уставот.

Член 216 од Деловникот за работа на Собранието, пак, е наведено: „По поставеното прашање за доверба на Владата се води претрес. Право да го образложи прашањето за доверба на Владата има еден од пратениците кои го поставиле прашањето во траење од најмногу 30 минути. Редоследот на пратениците по пратенички групи и пратеници кои не се организирани во пратеничка група, а кои ќе учествуваат во претресот се определува во договор на претседателот на Собранието со координаторите на пратеничките групи пред почетокот на седницата. Пратеникот во текот на претресот може да говори повеќе пати во траење од вкупно 15 минути, а координатор на пратеничка група вкупно 20 минути“.

Со член 217 е предвидено дека Собранието гласа за недоверба на Владата по истекот на третиот ден од денот на поставувањето на прашањето за доверба.

Ако на Владата и е изгласана недоверба, претседателот на Владата до Собранието поднесува оставка во рок од 24 часа од изгласувањето на недовербата, се вeли во член 218. За изгласаната недоверба на Владата и за поднесената оставка, претседателот на Собранието веднаш го известува претседателот на Републиката.

Би можело да ве интересира

ВИДЕО: За малку тепачка во Собрание меѓу Апасев и пратениците на ВМРО-ДПМНЕ

Катерина Ѓуровски

Втор ден амандманска расправа за Предлог-буџетот за 2025 година

Почнува амандманска расправа за Предлог – буџетот за 2025 на Комисијата за финансирање и буџет

Продолжува комисиската расправа за Предлог – буџетот за 2025 година

Почнува комисиската расправа за Предлог-буџетот за 2025 година

Собранието го одобри Предлог на законот за дополнување на Законот за градежно земјиште