Општина Чешиново-Облешево ги продаде сите осум градежни парцели во државна сопственост што ги понуди со последниот оглас за јавно наддавање. Станува збор за плацеви што се наменети за изградба на објекти за лесна и незагадувачка индустрија, од кои седум се лоцирани кај месноста Свети Атанасиј кај селото Спанчево, а една во месноста Кривулица – Ѓерен во Катастарската општина Облешево.
– Вкупната површина на сите осум парцели изнесува над 134 илјади метри квадратни, од кои Oпштината треба да инкасира околу 12 милиони денари, односно близу 190 илјади евра. Според најавите на една од парцелите ќе бидат поставени сончеви колектори за производство на електрична енергија, истакнуваат од општина Чешиново-Облешево.
Инаку ова беше трета продажба на градежни парцели за мало стопанство во општина Чешиново-Облешево.