Судиите од Апелациониот суд во Скопје денеска на јавни седници ќе почнат да расправаат за жалбите на осомничените за крвавиот четврток за продолжувањето на мерката притвор. Пред празниците, скопска Апелација ги испратила на одговор жалбите на осомничените до Вишото јавно обвинителство. Одговорите стигнале вчера.
Жалба за притворот поднеле и актерот Владо Јовановски, Горан Ѓошевски, поранешниот шеф на обезбедувањето на Трајко Вељаноски, Оливер Поповски од Шестата управа на МВР и Мунир Пепиќ од Агенцијата за разузнавање.
Судот пред новогодишните празници им го продолжи притворот за нови триесет дена на пратениците Крсто Мукоски, Сашо Василевски и Љубен Арнаудов, на поранешниот министер за внатрешни работи и директор на Бирото за јавна безбедност, Митко Чавков, на организаторите на протестите на „За заедничка Македонија“ Игор Дурловски, Борис Дамовски, Богдан Илиевски и на уште шестнаесет лица осомничени за насилствата во Собранието.