За 10 часот е закажана итна и вонредна седница на Владата за пожарот во кој синоќа целосно изгоре ковид центарот во Тетово.
Информацијата ја потврди и премиерот Зоран Заев кој на излегување од зградата на општината во Тетово изјави дека ќе заседава Владата.
– Закажавме во 10 часот Влада, изјави Заев, кој не сакаше да соопшти повеќе детали затоа што, како што рече, изјави ќе нема додека надлежните прават увид и работат на утврдување на причините за пожарот.
И од Владата информираа дека во тек е детална истрага за пожарот во кој, според засега официјалните информации, има десет жртви.
– Во тетовскиот Ковид-центар се случи огромна трагедија во која поради експлозија и пожар има десет жртви, а оваа бројка може да порасне. Противпожарните и медицинските служби реагираа веднаш, пожарот е изгаснат, а во тек е акција на здравствените служби за спасување на секој загрозен живот. Владата изразува најдлабоко сочувство до семејствата и блиските на починатите и посакува брзо закрепнување на повредените, се вели во соопштението од Владата.
Пожарот избувна вчера вечер околу 21 часот и за кратко време целосно изгоре ковид центарот. Во гаснењето учествуваа над 30 пожарникари кои интервенираа со седум возила. Пожарот е изгаснат за речиси половина час.
Во Тетово седница одржа и Итниот кризен штаб на која присуствуваше највисокиот државен врв.